Наслов

Македонската женска БЏЏ сцена преку една од најдобрите

Разговор со Менка Стојаноска, една од посериозните претенденти за високи светски и европски резултати на полето на Бразилската Џиу Џица во државава, член на клубот The Strongest - Центар, а воедно и претставник на женската репрезентација на Македонија во БЏЏ. Нешто повеќе за нејзиното инволвирање во спортот и одличните резултати на меѓународните натпреварувања.

Кога прв пат се сретна со боречките вештини и која беше првата што почна да ја совладуваш?

Прва боречка вештина која почнав да ја изучувам е карате, се запишав кога имав 11 години и редовно вежбав се до запишувањето во средно образование.

Претходно имаш тренирано карате, за кој клуб имаш настапувано и кој е најголемиот успех?

-Бев член на Карате Клуб Макпетрол, имам учествувано на еден натпревар каде што не постигнав некој резултат, така да мој најголем успех е успешното полагање за зелен појас.

Која беше главната причина која те натера да го замениш каратето со друга вештина?

-Немаше посебна причина, престанав да вежбам карате многу време пред да побарам друга боречка вештина што сакам да ја изучувам.



Кажи ни нешто повеќе за Бразилската џиу-џица, кога за прв пат почна со тренинзи и дали е ова едниствената боречка вештина која ја усовршуваш во моментот?

Бразилска Џиу-Џица за разлика од повеќето боречки вештини во глабала претставува борба на под каде што не се дозволени удари, a борбите завршуваат со правење на некој зафат или на поени кој се добиваат за одредени позиции кога доминираш со противникот. Почнав да тренирам пред две години, меѓутоа рано е да кажам дека усовршувам некоја боречка вештина, а покрај БЏЏ тренирам Џит кун До и ММА.

Каков начин на борба најмногу ти лежи, со или без кимоно?

-Ако ме прашувате за борбите во граплинг и Бразилска Џиу-Џица тие истовремено се многу слични и многу различни,така што мислам дека ако едното ти лежи не може другото да не ти оди, зависи како повеќе тренираш. За комплетен БЏЏ борец мора понекогаш да се слече кимоното :)

А ако ме прашувате за Џит Кун До, ММА или БЏЏ, повеќе ми лежи БЏЏ, но со тренинг се надевам дека ќе бидам спремна и за MMA борба.

Која борба ти оставила најголем впечаток досега?

-Искрено не ги памтам целосно борбите бидејки се` уште се справувам со трема, меѓутоа најголем впечаток ми остави борбата во апсолутна категорија, токму поради фактот што ја изгубив, а секогаш сите ние можеме подобро.

Кои се твоите поголеми успеси на полето на БЏЏ-от (медали турнири, борби) и како ти го гледаш сопствениот напредок во спортот?

-Како поголеми успеси можам да ги издвојам златните медали во Бугарија и Србија од кои посебно драг ми е медалот од Бугарија бидејки е прв меѓународен златен медал во држава во женска конкуренција.

Како гледам на мојот напредок?! Паа имав брз старт, меѓутоа допрва ме чека многу работа и она: „Сега знам дека ништо не знам“.

Дали боречките вештини влијаат врз твојот живот и дали некогаш си нашла примена во секојдневието?

-Се разбира бека влијаат, физички и ментално. Претпоставувам не е потребно да зборувам за позитивните ефекти од вежбањето и секојдневните навики кои се стекнуваат посебно во исхраната.

Колку често тренираш на неделно ниво, од што се составени тренинзите и дали имате посебни режими за време на припремите за поголемите турнири?

-Тренирам три до четири пати во неделата, тренинзите се составени од технички и физички дел, пред натпреварите имаме посебен режим на исхрана, повеќе кондициони тренинзи, се работи повеќе на самата стратегија на борба односно на кој борец која позиција и техника му одговара.

Во која тежинска категорија се натпреваруваш и дали си имала искуство со потешки и поискусни борци?

-Во категорија -60kg . Сум имала искуство со потешки и поискусни борци, некои од нив сум успеала да ги победам. Во суштина, убавината во БЏЏ е токму тоа што претставува вештина каде што послаб противник може да совлада потежок и физички посилен.

Со македонската репрезентација „растуривте“ на последниот турнир во Србија. Кажи ни нешто повеќе за тоа.

-Македонската репрезентација беше составена од повеќе клубови каде што се изучува БЏЏ меѓу кои беше и мојот клуб The Strongest- Центар, заеднички успеавме да дојдеме до прво место како екипа со што потврдивме за квалитетот на овој спорт кај нас.

Кои се твоите желби и планови за во иднина со Бразилската џиу џица?

-БЏЏ е релативно нов спорт во Македонија, би сакала повеќе луѓе да се информираат и да се запознаат со овој спорт. Лично за мене имам во план сериозно да навлезам во спортов и да постигнам европски и светски резултати.

28 Ноември 2013

За авторот