Каде Болт ги шие другите и каде другите не го шијат Болт

Иако најголемиот дел од анализите кажуваат дека Болт е екстремно „спор” во стартувањето на 100-метарските спринтови, и неговата висина (196 цм.) во првите 30 метри од трката реално претставува недостаток во однос на другите спринтер, Болт се уште успеава да ги исчури сите останати човечки „гепарди” на стазата. Одиме на една постара анализа направена од Мајкл Џонсон заедно со новите информации околу најбрзиот човек на светот. 

На вчерашниот десети олимписки ден во Рио, во финалето на спринтот на 100 метри во машка конкуренција, јамајканскиот спринтер Усеин Болт успеа да испише нова страница во историјата на атлетиката со што стана првиот човек кој освојува три последователни злата на овие олимписки настани. Тој истрча за првото место со време од 9,81 секунди. 

Анализата на дел од неговите трки покажува каде Болт доминира, иако, бројките во некои делови од тие трки покажуваат дека тој е „најслабиот” спринтер на стазата…  

Статистичките податоци од финалето на 100 метри спринт одржано на ЛОИ Пекинг 2008 година покажуваат дека Јусеин Болт е практично еден од најспорите тркачи кога би се земело времето за реакција при старт на трката – пукање на пиштолот и излегување од стартната позиција (тука можете да ја измерите и вашата реакција со клик) .

Во тие мерења, од осум натпреварувачи Болт го држи претпоследното место со време од 0,165 секунди, далеку позади првите тројца кои имаат време на реакција од 0,133 секунди. На вчерашната трка во Рио, пак, неговото време на реакција беше 0,155 секунди, истотака доста слабо во споредба со поспретните атлети на стазата. 

Сепак, во текот на следните експлозивни 9 и нешто секунди, Болт успева да се развие и трансформира во најбрзиот човек на планетата. Па тогаш каде лежи успехот на најбрзиот човек со „најспорите” рефлекси на старт?

Сега веќе пензионираната спринтерска икона од Америка – Мајкл Џонсон, човекот кој досега има освоено 4 златни медали на Олимпијадите, во 2014 година има направено една одлична анализа (над овој пасус и кое ќе мора да го гледате на ЈуТјуб поради некои нејасни правила) за тоа каде лежат слабостите на Болт, како тој се справува со нив и зошто човекот е врвна спортска икона. 

Тој објаснува дека Јусеин Болт е еден од повисоките спринтери на стазата и со неговите 196 цм. на стартот од трката тој е практично во недостаток во однос на другите тркачи затоа што неговите долги нозе го отежнуваат процесот на „излегување од капијата” каде се потребни брзи и ситни чекори со цел да се дојде до целосното исправување на телото.

Сето ова се случува во првите 30 метри каде Болт, земено од статистиката погоре, иако е доста спор со времето на рекација и во недостаток поради долгите нозе во однос на покусите тркачи, тој успева да изнајде начин на движење и експлозивност за да остане во водечката група од неколку спринтери. 

Равенката се решава откако Болт ќе се исправи. Тука веќе тие 196 цм. стануваат страшен потенција кој само тој знае да го искористи до максималното ниво. Со неговиот долг чекор и брзата каденца што успева да ја постигне јамајканецот, тој е во можност да ги надокнади сите оние недостатоци на почетокот од трката и да влезе во аналите на спортската историја како првиот трикратен последователен победник на 100 метри спринт на Олимпијадите и носител на светскиот рекорд на оваа дистанца. 

На Твитер веќе искочија доста забавни коментари и слики по неговата интересна фотографија од полуфиналето каде пред крајот фрла поглед на неговата не толку спора конкуренција

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија