#skma2015

Моите 21 километри – #skma2015

Во сплетот на несакани настани кои овој период се случија во нашата држава, наместо со насилство, омраза, негативност и куршуми јас одбрав да испукам 21,1 километар за мир. Истрчајте ги и вие вашите, пренесете порака. 

Убавата спонтана иницијатива започна од Јовица. Идејата е сите оние кои беа, па и не беа пријавени да учествуваат во најубавата и најмасовната спортска манифестација во Македонија, во текот на оваа недела да го исполнат она што го зацртале за овој Скопски Маратон, било дали е тоа 5 километри, 21 или 42, или можеби некаде меѓу… 

Едноставно искочете, истрчајте на вашиот омилен терен во Скопје или пак во вашиот роден град, фатете си ваше темпо и медитирајте. Ако не можете да истрчате, седнете на велосипед, исчистете ја вашата внатрешна енергија и симболично поддржете ги сите оние на кои во моментов им е најтешко. 

Искрено, мене Скопски 2015 требаше да ми биде прв официјален полу-маратон меѓутоа поради сплет на околности и неодложен работен ангажман морав предвреме да си го „откажам” овој маратон, па бројчето 1157 го подарив на Ангела. За жал ниту таа, а ниту сите останати немаа можност да ја почуствуваат овогодинешната убавина на нашиот маратон. 

п.с. – на Водно е многу убаво. Во воздухот се осеќа вистинска пролет, птиците убаво црцорат (па дефинитивно не ви се потребни слушалки), патечињата се обраснати со убаво зеленило и цвеќиња, а земјата е влажна и мека. 

п.п.с – не мора да имате некој ваков доказ дека сте истрчале, важно е вие да се осеќате убаво.