Крали Марко Треилс – трка на задоволството

Ако сте чуле за планинско трчање, сигурно сте чуле и за Крали Марко Треилс. Најпознатата, најубавата, најтешката и најдобрата трка од ваков тип во нашата земја. Оние кои се дел од овој спорт веќе им се познати патеките на 16км, 31км и 65км како дел од оваа трка. Вие знаете дека она за што ќе пишувам во трчачките кругови се нарекува – извештај. За сите останати, дозволете ми да ви ја презентирам оваа трка и да ви го претставам и доближам овој релативно нов спорт кој ќе ве однесе најдалеку до вашата суштина и ќе ве запознае со најдлабоките инстинкти на вашето тело и вашиот дух.

фотки – Борис Гаџовсски / Бојана Бораниева / Кире Димоски


Крали Марко Треилс се оддржува во Прилеп. Стартот и финишот на сите три трки е во населбата Варош. Јас ќе пишувам само за трката на 65км со висинско искачување од 3100м. По стартот во Варош патеката продолжува до манастирот Трескавец, Прилепското езеро, Плетвар, врвот Козјак, село Крстец, црквата Св.Ѓорѓи, повторно до Прилепско езеро, Трескавец и назад во Варош. Изгледа лесно да се наброи ама тешко да се истрча.

Стартот беше утрото на 26ти септември. Ми се чини дека сите очекуваа пеколно топло време но наместо тоа добвме ладно и облачно време со можност за дожд во попладневните часови. Искрено кога се појавив на стартот веќе ми беше сеедно дали е +40 или -40, за прв пат во мојот живот бев убеден дека сум спремен, прашање беше само колку време ќе биде потребно.

Пред стартот секој со својот ритуал. Некој се загрева, некој се слика, некој молчи, некој се фокусира, некоја се јавува по телефон. Јас сум од оние што молчат, не се смеат и од време на време ги сликаат. Значи намќор. Сакам пред трката да имам моменти за себе. Да се сетам на профилот на патеката, да се сетам на сите совети од моите луѓе, да направам проверка на опремата. Го правам тоа како еден вид подготовка на умот за она што следува (телото е спремно) и второ затоа што сум свесен за големината на подвигот, на природата и на мојата изложеност на неа во наредните часови. Ако немате почитување кон големината на природата, не сте за овој спорт.

Дојде времето за старт. Сите на готовс. Директорот на трката со последни совети и упатства за патеката. Се поздравувам со моите луѓе на старт. Да си посакаме среќа. Знам дека нема да ги видам до крајот на трката , сите тие се побрзи од мене. Уште едно потсетување на најважниот совет од Јоцо:

  • „Полека до Трескавец и без форсирање од Трескавец.”

Адреналин на највисоко ниво, некој вика, некој аплудира, некој хистерично се смее…јас молчам. Длабок здив. СТАРТ.

Секогаш тргнувам последен. Сакам полека да влезам во сопствениот ритам. Убаво е кога по некое време престигнувате луѓе и фаќате приклучок. За кратко бевме надвор од градот.

Она што како глетка се отвори пред мене беше апсолутно неочекувано. Бескрајни ливади во зелена боја кои се спојуваат со највисоките карпи на ридовите. И тие зелени од мов и плус во утринска магла. Филмски. Релативно рамна патека која се трча без проблем. Малку кал, малку вода. Од една страна стада со овци, од друга страна стада со крави. Зелено, зелено, зелено.

Влегов во темпо што ми одговара. Не се ни задишав на успоните до Трескавец. Повеќе ме изморија камењата кои лизгаа. Се чудев како е можно по 8км и 80мин качување да не чувствувам ни најблаг замор. Си реков, веројатно тоа е добро. Не се брзам. Важно е да завршам. Одејќи по трките во оваа година и пол, сфатив две работи. Прво единствениот човек со кого треба да се тркате сте вие самиот. Не постои друг човек кој е подготвен исто колку вас во физичка и во ментална смисла и второ ако тргнете во еуфорија веројатно ќе завршите во агонија.

Стигнав на Трескавец во група од околу четворица трчачи. Не дочекаа како да се сме први. Со скандирања, навивања, аплаузи. Тоа се волонтерите на трката. Луѓето кои доброволно се пријавиле за да ни помогнат нас да успееме. Сфаќате ли какви луѓе се тоа. Меѓу нив има и трчачи и планинари и фотографи но и луѓе кои немаат апсолутно никаква допирна точка со овој спорт, а сепак се тука.

Набрзина погледнав кон окрепната станица иако знаев точно што ќе земам. Вода, Кока Кола, Банана. Толку. Поучен од Шарпланински Скајрејс, кога на првата контролна станица јадев и кикирики и наполитанки, кока кола, сол, банана, чоколадо, овде земав многу умерено. Бара многу помало време за дигестија а добивате многу порамномерно ниво на енергија.

Полетав по удолниците од Трескавец кон Прилепското езеро. Но тоа траеше многу кратко. Набрзина сфатив дека следи спуст од 10км а во првите 3 треба да се спуштиме по карпи и камења кои беа лизгави како да сте на мраз. Полека одминував дел од патеката. Попат стигнував натпреварувачи кои се лизнале, паднале, погрешиле патека. Уште еднаш се сетив : Полека до Трескавец, без форсирање од Трескавец…

Си дадов време. Не сакав да дозволам да ми се случи некоја повреда и година дена да отиде во неповрат. Сепак е ова трка на 65км. Па трката не е ни почната.
Лоша идеја за размислување. Не постои полошо нешто од тоа да трчате и да размислувате уште колку има до крајот. Нозете ви стануваат потешки од олово во истиот момент. Не гледате никаква смисла во она што го правите. Сакате само да застанете и да се вратите назад. Набрзина го пресеков таквото размислување фокусирајќи се на следниот чекор, па на следниот свиок, па на влезот во шумата и ете ја втората контролна точка. Прилепско езеро на 18км. Одново истата тактика. Вода, Кока кола, банана и овојпат сол. Малку позитивна енергија и мисла од волонтерите и одново на патеката.

Се чувствував одлично. Бев 100% присутен во моментот, со одлично темпо, без никакви проблеми. Летав. Летав но за кратко. Дојдовме до место на кое требаше да се премине рекичка. Низ неа имаше камења по кои требаше да се помине. Фино осмислено, лошо реализирано. На првиот чекор до првиот камен успеав да се лизнам и да потонам во вода до половина. Утоп. Водата беше студена. Имав чувство како некој да ми ги отсекол нозете. Веднаш напад на паника. Како ќе стигнам до целта. Имам уште најмалку 8 часа до таму. Ќе ми се направат плускавци. Многу ми се тешки патикити. Правдања. Правдања, правдања.

Сето тоа ми е оставнина од мојот поранешен животен стил. Во својот живот сум се откажал од многу свои таленти и можности уште на првата препрека. Стравот од неуспех направил од мене кукавица во која бега уште на првиот предизвик. Да беше оваа трка пред 2-3 години, веројатно ќе се откажев на првата контролна точка по оваа незгода. Ќе најдев јас фино алиби, талентиран сум за тоа. Или бев…

Одново морав да се борам со споствената психа. И тогаш дојде решението. Се сетив на трката на која моите другари беа пред месец дена. Во Бугарија. Ги врнеше постојано. Низ целата трка. Сигурно и тие биле мокри до кожа и им било ладно. Си реков, ако можат тие можеш и ти. Исти сме.

Така и би. Чекор по чекор топлината се враќаше. Почнав да трчам се побрзо. Заборавив на се. Одново престигнав група од 3-4 учесници. Ете ме на контролна точка Плетвар-24км.

Оваа е многу важна. Наредната е по 11 км. А во тие 11км треба да се искачи и врвот Козјак кој е висок 1700м. Дечките на окрепната станица ме окуражија со добриот пласман, со доборот темпо. Се почувствував како голем спортист, како шампион. Бескрајно сум им благодарен. Ми го направија искачувањето што следеше барем за 30% полесно. Тоа е најголем доказ дека енергијата не доаѓа единствено од храната. Понекогаш убав збор и мисла ќе ве турнат многу повеќе. Ќе ве освежат и окуражат.
Тргнав нагоре кон Козјак сам. Немаше никој пред мене и позади мене. Сфатив дека веројатно до крајот на трката ќе трчам сам. Тешко дека некој ќе ме стигне и дека некого ќе престигнам. Трка сам со себе и за себе.

Се редеа угорнини и угорнии а врвот никаде го немаше. Некаде под седлото на Козјак слушнав чекори. Се вртам. Девојка. Второпласиранта. Слушам дека претешко дише а не сме ни на врвот. Ја пуштив да ме помине со насмевка. До врвот имаше уште малку но тоа малку е премногу ако човек е толку изморен. Стигнавме на врвот заедно. Јас продолжив веднаш. Таа остана позади мене. Трчав сам по спустот. Спустот посебна приказна. По благото промашување на патеката, се вратив на вистинската. Камен, камен, камен. Се решив да одам што е можно побргу за да го скратам времето поминато горе. Видов двајца натпреварувачи пред мене. Се збунив. Изгледа мојот најслаб дел, спустот, веќе не етолку слаб. Уште толку забрзав. Ги стигнав во селото Крстец на 35км. Чувство феноменално. Мал одмор, полнење на резервите. Наредна контролна точка Манастир св.Ѓорѓи на 6км од тука.

Во тој момент знаев дека ќе ја завршам патеката. Бев свеж и имав сила во нозете како сега да сум почнал. Тоа беше 6тиот час од трката. Почна да врне. Не изгледаше страшно. Мислев набрзина ќе престане. Не престана до полноќ. Не ми сметаше дождот. Ми сметаше ветрот кој беше студен.

Окрепата стигна во манастирот. Топла супа. Како некој да ми дал инфузија. Нов човек. Наредните 6км до Прилепско езеро беа брз спуст што помина релативно бргу. Не ми требаше одмор. Сакав веднаш да продолжам кон Трескавец. Не сакав да се ладам нити да губам од темпото во кое се наоѓав.

Патот до Трескавец беше долг. Врнеше и дуваше постојано. Се лизгавме нагоре по камењата и карпите. Кога на неколку свиока пред манастирот го чув Марин со неговото препознатливо свирче ми се чини дека се ми се разведри. Знаев дека, иако од трката има уште 8км спуст до целта, трката за мене е завршена. Немаше никави сомнежи во успехот. Си земав доволно време на Трескавец. Екипата горе ни кажа дека сме во првите 20. Радости. Феноменален резултат. Се поздравивме со нив и по лизгавите карпи тргнавме удолу. Не постојат зборови со кои можам да ви го опишам тој предел. Топло ви препорачувам да појдете и да прошетате. Не мора да трчате. Ќе си ги наполните очите со дивата убавина и со некоја мистична духовност на овој крај. Ќе се спуштате по сајла, по карпи, ќе здогледувате чешмички со света вода, икони во карпи, црквички.

Последна кривина пред Варош. Еден километар пред целта. Со Синиша (со кого трчавме заедно надоле) си честитавме на успехот. Полека трчавме удолу смеејќи се постојано. Влетавме на финиш со подигнати раце како победници. Не чекаше медалот за финишери. Честитки од сите страни, сликања, прегратки. Време 10часа 34 минути.

Бев пресреќен што успеав. Едно од моите најголеми постигнувања во животот и најслатаката мака што сум ја имал. Си докажав сам на себе дека не постои работа која не можам да ја постигнам ако сум решен и истраен во тоа. Си го нахранив егото а сепак бев скромен, свесен за просечноста на мојот резултат и за големината на резултатите на моите другари. Јоцо на третото место и резултат по 8 часа. Игор Карас со точно 9часа и Пирче со 9:50.

Не знам дали го одбрав вистионскиот момент за да пишувам за ова. Можеби требаше да почекам уште ден два за да слегнат впечатоците. Да можам подобро да објаснам некои технички карактеристики на патеката. Да ви ја доближам. Од друга страна до тогаш веројатно ќе избледеше емоцијата од текстот а за мене таа е најважна. Јас трчам заради тоа. Емотивна и ментална исполнетост. Такво ми е и пишувањето.

За крај едно огромоно благодарам до мојата екипа за сите совети, тренинзи и дружби. Дечки без вас ќе бев изгубен во овој спорт и ќе ми требаше многу подолго за да го откријам и почнам да уживам во него. Му благодарам на директорот на трката што ни овозможува на сите нас да се надминеме себеси, да се дружиме и да уживаме во природата. Без неговиот ентузијазам и љубов кон овој спорт ништо од ова немаше да се случува.

И на крај од името на сите учесници, најголемо благодарам за сите волонтери на трките. Без нив оваат трка немаше да постои. Секоја чест за нивната несебичност и желба. Ви благодариме од се срце и ви се извинуваме што заради нашата пасија вие бевте изложени на дожд, ветар и магла во речиси целиот ден.

Се гледаме на Струмина треил на 15 Ноември во Штип.