Пристоен предлог – физички вежби против мигрена

Неодамна објавените студии укажуваат на позитивниот ефект на редовните физички активности врз инциденцата и интензитетот на мигрената. Споредбата на ефектите од физичките активности и медикаментозната терапија е коректен пристоен предлог.

Мигрената е хронично невролошко заболување која се карактеризира со повремени напади на главоболка кои се разликуваат по интензитет, фреквенција и траење. Почнува со нарушено расположение, раздразливост, депресија, замор или еуфорија, а продолжува со аура или состојба пред напад.

Аурата се карактеризира со пореметен вид, слушни или мирисни халуцинации, пореметен говор па дури и вкочанетост во рацете и нозете. Болната фаза или главоболката најчесто е еднострана и е пропратена со мачнина, гадење, повраќање, фотофобија, фонофобија или страв од силни звуци. Оваа состојба трае и до 6 часа.

Овој вид на главоболка е присутен кај околу 15-20 % од целата популација и е 2-3 пати почест кај жените. Многу често мигрената може да биде испровоцирана од одредени состојби или фактори како стрес, нарушен сон, климатска промена, некои видови на храна (чоколадо) и пијалаци (црно вино) и најчесто хормонски дисбаланс (ПМС).

Стравот од мигренозните напади, променетото расположение со намалената работоспособност е причина за сè поголема употреба на медикаментозна терапија во превенцијата од оваа состојба.

Но, и аеробните типови на тренинг, три пати неделно во траење од 40 минути се одлична солуција во превенцијата од мигрената. Најполезен ефект се постигнува со континуитет и препорака за постапно загревање пред интензивните тренинзи.

Научниците од Гетеборг заклучиле дека редовното вежбање може да спречи појава на мигрена во 75% случаи, а ефикасноста е иста како при употребата на медикаментозна терапија.

Препорачаните спортски активности како велосипедизам, брзо одење, трчање и пливање се ПРИСТОЕН ПРЕДЛОГ бидејќи во секој случај ништо нема да изгубите, а може да добиете многу.