Наслов

Кога навистина треба да ги смениш патиките за трчање?

Ако одиш по препораките на големите компании - производители на патики за трчање како и атлети спонзорирани од истите, тогаш, најверојатно редовно ќе треба да одвојуваш добар дел од твојот буџет за оваа ставка. Проблемот е во тоа што 1. „амортизацијата” на патиките не зависи само од километражата, туку и од тоа кој, како и каде ги трча патиките и 2. реално не постои некаква поврзаност помеѓу староста на патиките и повредите. 

Најголемиот дел од компаниите на пазарот на патики за трчање советуваат дека промената на старите со нови патики за трчање обично треба да се прави на околу 400 до 800 километри трчање. Ај што поголемиот дел од тркачите веројатно воопшто не ни имаат дневник во кои ги водат изминатите километри (патем, ако сте на Страва има опција за „логирање” на вашите патики, па таа ќе ви ги брои километрите), многу е важно да се разбере дека „уништувањето” на една патика во процесот на нејзиното трчање не зависи стриктно само од километражата туку и од уште куп други фактори. 

Тука си килажата на корисникот - секако дека покрупните и потешки луѓе ќе имаат поголемо влијание врз патиките од оние лесните, теренот по кој најчесто трча - трчањето чакал и асфалт секако дека влијае повеќе отколку трчање по трева и добро тампониран макадам, а тука, секако е и формата на трчање која, истотака, е една од важните фактори кои влијаат врз староста на патиките - момците и девојки со поефикасна техника на трчање секако дека помалку ги оштетуваат нивните патики отколку оние кои „лошо” слетуваат на подлогата. 

Со овие неколку факти погоре, некако многу бргу се открива митот за „километражата” на вашите патики, но секако дека некогаш, кога-тогаш, истите ќе се истрошат и ќе мора да се променат. 

На страна од препораките на компаниите, во науката, реално многу оскудно се има обработувано оваа тема. Сепак, една мала студија вели дека високо-квалитетните патики обезбедуваат функционална стабилност и мекост и по изминати 1000 километри.

За оние пак кои мислат дека износените патики може да доведат до повреди, истотака, нема некоја голема научно поддржана база за истото.  Студија од 2003 година докажува дека постои корелација помеѓу старста на патиките и повредите кај испитаниците, но во истата, не биле изолирани останатите фактори кои би можеле да доведат до повреда.

На оваа тема пак, многумина велат дека многу поважно е „како се носат” патиките, отколку „што” и „колку” време го носиш. Еве за пример земете го племето Тарахумара кои отсекогаш носат рачноизработени сандали од гума и кожа, а редовно трчаат и се движат по стотици километри без скоро никакви акутни или хронични мускуло-скелетни повреди. 

На крај, некои од експертите велат дека менувањето на овој дел од опремата секогаш треба да се прави преку сопствениот „комфорт филтер” кој ќе ви каже кога треба да се промени патиката. 

12 Јуни 2017

За авторот