ЗОШТО Е ДОБРО ДЕЦАТА ДА ВЕЖБААТ ЈОГА

Децата се природни јогини. Ако внимателно ги набљудуваме, ќе забележиме дека тие спонтано и без напор, уште од најрана возраст, изведуваат многу класични јога вежби како што се положба на бебе, плуг, куче кое гледа долу, кобра, бебе кое се смее и други асани. И уште, со својата креативност, опуштеност и детската невиност изразена преку нивните игри, тие измислуваат и нови, покомплексни асани.

Човечкото тело по својата природа е совршен спој на умни, телесни и емоционални функции. Ние се раѓаме со природна флексибилност и еластичност на телото, уште од самото раѓање практикуваме правилен начин на дишење (бебињата дишат со стомак), слободно ги изразуваме емоциите а нашиот ум е креативен, опуштен, логично едноставен.

Децата се природни јогини. Ако внимателно ги набљудуваме, ќе забележиме дека тие спонтано и без напор, уште од најрана возраст, изведуваат многу класични јога вежби како што се положба на бебе, плуг, куче кое гледа долу, кобра, бебе кое се смее и други асани. И уште, со својата креативност, опуштеност и детската невиност изразена преку нивните игри, тие измислуваат и нови, покомплексни асани.

Не умеејќи јасно да ги изразат своите емоции и проблеми заради нивната сеуште ограничена способност за вербално изразување и психолошка незрелост, која е нормална за детската возраст, децата тоа го искажуваат преку своето однесување.
Јогата, со помош на асаните (јога вежби) и техниките на дишење и концентрација, им помага на децата да ги канализираат тие однесувања и ги насочува кон правилен и хармоничен развој, помагајќи им да прераснат во здрави и позитивни личности.

Придобивките од практикување јога кај децата се бројни и се од различен карктер. Асаните, пранајамата (дишењето) и медитациите, ги зајакнуваат мускулите кај децата и го подобруваат држењето на телото; ја развиваат моториката преку зголемување на флексибилноста, развивање на снагата и рамнотежата; ги учат децата правилно да дишат и го зголемуваат белодробниот капацитет; помагаат за урамнотежен психички и емотивен развој на децата, го јакнат нивниот карактер, ја зголемува способноста за концентрација, памтење, расудување, ги учи децата да ги изразат своите емоции и чувства и да уживаат во нив; ги поттикнува креативните способности кај децата, ја развива нивната фантазија, го одржува детскиот ум опуштен; ја зголемува самодовербата и самопочитта. Покрај тоа, ги учи децата на самокритичност, емпатија, како да се ослободат од агресивноста, несигурноста и чувството на инфериорност.

Јога програмите наменети за деца се секогаш прилагодени на нивната возраст и работат на правилен развој на соодветните аспекти карактеристични за возраста. На пример, кога се работи со бебиња, главната цел е да се развие свесност за телото, моторна координација и воспоставување на врска помеѓу бебето и родителот. Кај децата од 3-4 годишна возраст се поттикнува љубопитноста, жед за знаење, се развиваат социјалните, сетилни и моторни вештини. Понатаму, со зголемување на возраста, се работи на зголемување на самодовербата, насочување на вниманието, децата учат како да се фокусираат, да се концентрираат, да се опуштат, правилно да дишат, учат комуникација и координација во група, се развива свесноста за себе и партнерските врски, се развива и негува здрав однос кон себе и своето тело, здрави навики за физичка активност и исхрана. И сето тоа се прави преку забавно конципирани, интерактивни програми кои им се интересни на децата а, бидејќи голем дел од вежбите носат имиња и потсеќаат на животни, децата сакаат и уживаат да ги имитираат.

Јогата особено значење има за правилно функционирање на жлездите со внатрешно лачење и воспоставување хормонална рамнотежа која, понатаму, придонесува за нормално функционирање на органите и системите и помага за правилен психофизички и емотивен развој кај децата. Со избалансирана хормонална активност во текот на периодот на расење, во голема мера се намалува веројатноста за развој на болести врзани за системот на дишење (како што е астмата), кардиоваскуларниот систем, дигестивниот систем (преку правилно варење на храната и редовно празнење на цревата се избегнува дебелеење, особено во адолесцентниот период), се јакне отпорноста на мускулно-скелетниот систем и, секако, нервниот систем.

Во последните неколку децении, располагаме со бројни студии за тоа како јогата влијае на здравјето на човекот и во сите студии се нагласуваат позитивните придобивки од вежбањето. Особено се препорачува практикување јога од што порана возраст а истото ова го тврделе и старите индиски јогини. Јогата на лесен, спонтан и безболен начин го доведува детското тело и ум во рамнотежа.