Карате за сила, самодоверба и смиреност кај децата

Акционите филмови, особено оние со боречки вештини се омилени меѓу младата популација. Но зошто и во реалноста да не им се даде шанса на децата да го почувствуваат каратето како спорт и духовна вештина кое може многу да придонесе за нивниот понатамошен развој во стабилни личности.

Каратето е древна боречка вештина, која потекнува од Јапонија и чија цел е да ве научи како да се одбраните, поточно како да се борите без оружје. Според некои теории, појавата на каратето е поврзана со древните боречки вештини на островот Окинава во 19 век и претставува мешавина на локалната боречка вештина со некои кинески стилови.

Името на овој спорт доаѓа од зборот karatedo, што на јапонски значи празна рака.

Во тоа време кинеското влијание на островот Окинава било многу распространето и тоа во области како културата, образованието, уметноста и религијата. Мечувањето и стрелаштвото се уметност за јапонците, па така и каратето тие го имаат претворено во уметност.

Поради забраната за носење на оружје а потребата за самоодбрана, јапонците успеале своите раце и нозе да ги претворат во моќно оружје за самоодбрана. На почетокот малку луѓе имале чест да тренираат карате и тоа го правеле тајно. Дури во почетокот на 20 век каратето се распространило благодарејќи на Гичин Фунакоши. Тој го вметнал каратето во програмата по физичко образование во средните училишта во Окинава.

Каратето содржи повеке стилови како што се Wado-Ryu(kai), Shotokan, Kenpo, Wado Kai и други, кои прв почнал да ги усовршува Гичин Фунакоши.

Ударите во каратето се превземени од кинескиот бокс (кунг фу). После Втората светска војна, каратето се шири во Европа и во целиот свет. Каратето спаѓа во во таканаречените тврди стилови на одбрана (за разлика од меките стилови на одбрана каде спаѓа аикидото).

Каратето за одбрана ја користи моќта на напаѓачот, каде акцент се става на физичката кондиција, брзината и силата на нападнатиот. Суштината на каратето е да ги научи децата да се бранат, не да напаѓаат.

Традиционално и спортско карате
Традиционалното карате е најзастапено во Јапонија, од каде што потекнува. Спортското карате е застапено во Европа и во нашиот регион. Во традиционалното карате најважна е вештината и нема натпревари, но во спортското карате постојат натпревари во кати и во борби.

Каратето сеуште не е олимписки спорт, но во целиот свет се одржуваат натпревари, турнири, купови и првенства. Децата можат да почнат да тренираат карате во карате тимовите. По една година тренирање, децата се подготвени да започнат со учење на борбените зафати.

Тренинг за подобро здравје
Обично децата по неколку тренинзи се подложуваат на систематски лекарски преглед, но со карате можат да се бават и деца со послабо здравје, астматичари, дијабетичари, или пак со мали срцеви маани или деформитети, но се разбира тоа треба да биде под надзор и совет од доктор.

За децата со здравствени проблеми тренинзите се прилагодуваат, но најчесто тие деца не се натпреваруваат. На пример кај малите дијабетичари тешко се забележува дали се работи за умор од тренингот или за симптоми од болеста, па затоа е потребна поголема претпазливост. Понекогаш се случува напредувањето на болеста да запре или целосно да се повлече, при што децата се чувствуаат подобро. Воедно, ‘рбетот се исправа, а држењето на целото тело е генерално подобрено.

Целта на каратето е да се воспостави рамнотежа помеѓу телото и духот, па така децата на училиште даваат поголеми резултати, имаат подобрена комуникација со своите врсници, љубопитни се, сконцентрирани, со поголема самодоверба и подобрени моторни способности. Хиперактивните деца со каратето можат да развијат поголема концентрација и внимание.

Преминување во натпреварувачките групи
До неодамна во карате борбите учествуваа деца од 12 годишна возраст, денес таа граница е спуштена, но сепак нема деца помлади од 10 години во карате борбите. За карате никогаш не е доцна. Децата веќе од пет години можат да почнат со карате тренинзи, но најдобра возраст е седум или осум години, за после година или две, детето да премине во натпреварувачките групи.

Две години до посериозен појас

Децата во каратето, како и во другите борачки вештини, полагаат за појаси, со што го потврдуваат знаењето на карате движењата и катите. Во карате школите се полага за: бел појас, четири месеци подоцна за жолт, исто толку време за црвен и за зелен, а потоа следи еден подолг период на посериозни тренинзи. Од син до кафен појас се доаѓа за една година, а уште повеќе време е потребно за црн појас.

Така што, од запишувањето на карате па се до првиот посериозен појас се доаѓа најсокоро за две години. За полагање на појасите, децата учат по прецизно утврден план и програма, а полагањето се одвива пред комисија. Во комисијата има претставници од карате сојузот, како и тренери од други карате клубови. На карате турнирите може да учествуваат и оние најмладите кои положиле за жолт појас, затоа што на турнирите групите се делат по бојата на појасот.

Постепено зголемување на тренинзите
Најмладите каратисти тренираат најчесто три пати во неделата. На почетокот децата учат да бројат на јапонски до десет, за да ги бројат ударите. Најпрво се учат ударите со раце, а подоцна ударите со нозе затоа што таквите удари се покомплицирани. Белиот појас се добива веднаш штом децата ќе ги научат основите на каратето, кога ќе совладаат два удари и неколку блока.

По четири месеци, кога ќе положат за жолт појас, времетраењето на тренинзите се зголемува. Со стекнат зелен појас, тренинзите се одржуваат четири пати неделно. Пред турнирите и големите натпревари тренинзите се многу почести и подолги, но тоа не е напорно за децата, затоа што тие се веќе повозрасни и поодговорни.

Поздрав, загревање и тренинг
Во карате училиштата тренинзите започнуваат со јапонски поздрав.
Потоа започнува загревањето. Најмладите каратисти се загреваат преку игра, оние постарите пак со класичните вежби за загревање.
После загревањето следи истегнувањето, тоа е еден многу важен сегмент во каратето. Најголемо внимание се посветува на истегнувањето на нозете и препоните поради најчестите удари со нога.
Наредниот половина час е посветен на каратето, тогаш се учат нови зафати, кати, удари. Пред натпревар ваквиот тренинг најчесто е со времетраење од 60 минути.
Тренингот завршува со повторно истегнување.

Кимоно за првото полагање
Децата во првите два месеци на тренинзите можат да присуствуваат и без кимоно, со обични тренерки и маица. Каратето се вежба со боси нозе доколку има специјална подлога, доколку не, тогаш со чисти патики. Кимоно се купува за првото полагање за појас. Можете да купите кимоно од клубот на вашето дете или од било која продавница за спортска опрема.

Се разбира, на почетокот на вашето дете не му е потребно најскапото кимоно, затоа што децата брзо растат. Кога детето ќе биде подготвено за борби, тогаш треба да му набавите и заштитна опрема. Како во сите спортови така и во каратето, додека натпреварувачите не станат сениори, нивните припреми и патувања ги финансираат родителите.

Бенифиции од каратето
Каратето содржи техники кои ја градат силата, издржливоста и флексибилноста, држењето на телото, рамнотежата и координацијата. Но овој спорт освен физички бенифиции нуди и ментални бенифиции, како на пример градењето на самодовербата кај децата.

За разлика од натпреварувачките спортови, каратето е одличен спорт за градење на самодовербата кај децата, затоа што каратето ја елиминира потребата на децата да се натпреваруваат и да се споредуваат со своите врсници. Каратето му нуди можност и го охрабрува детето да работи на себе и за своите лични рекорди.

Децата со поголема самодоверба полесно се соочуваат со предизвиците кои ги носи животот и не потклекнуваат лесно кога се под некаков негативен притисок. Исто така, каратето ги учи децата на меѓусебно почитување.

Каратето го подобрува фокусот на детето и неговата самодисциплина. За да се изврши како што треба некој од карате зафатите потребен е голем ментален фокус. Тој фокус се пренесува и во секојдневниот живот на детето со што се подобруваат неговите навики, при што тоа подобро ги завршува и училишните обврски.

Децата кои знаат како да се фокусираат лесно ги поставуваат и ги остваруваат своите цели затоа што не се плашат од напорната работа. Каратето исто така ја подобрува концентрацијата и кај децата кои имаат проблеми со фокусот.

Повеќето деца се импулсивни по природа, па често носат одлуки врз основа на нивните емоции. Со континуираното вежбање карате, овој спорт на децата ќе им помогне да прават правилни избори во текот на животот.

Иако родителите не сакаат да размислуваат на таа тема, сепак децата многу често можат да западнат во невоља каде што ќе мораат да се одбранат. Детето што знае боречка вештина има многу поголеми шанси да се одбрани од напаѓачот и да избега на сигурно.

Каратето е одличен спорт за децата и дава прекрасни резултати, но бара многу трпение. Затоа не ги форсирајте вашите деца, самодовербата, дисциплината, фокусот, физичката кондиција и воопшто успехот ќе си дојдат со време.