Канализирајте го перфекционизмот кај младиот спортист

Да се има дете кое е перфекционист е предизвик во секој поглед, но уште потешко е кога перфекционизмот е присутен кај младиот спортист.

Перфекционистите имаат тенденција да:

– поставуваат високи стандарди за своите перформанси кои, почесто, невозможно е да се достигнат;
– повеќе ги мотивира стравот од неуспех отколку желбата да успеат;
– ја оценуваат својата вредност според постигнатите успеси;
– веруваат дека нешто што не е перфектно не е ни доволно добро.

Доколку сте забележале некои од горенаведените ставови кај вашето дете спортист, тогаш прочитајте ги советите што следат…

Секако дека во светот на спортот перфекционизмот и не е лоша работа, но најважно е тој да биде правилно насочен за да роди успех. 

Тука спаѓаат спортистите кои кога работат на нешто, продолжуваат сè додека не го направат  како што треба. Ним не им треба многу критикување, бидејќи самите веќе знаат каде згрешиле. Тие можат да бидат лидери доколку имаат јак карактер, едноставно со изработка на добра работна етика. 

Затоа, како родители, подобро фокусирајте се да го канализирате перфекционизмот кај вашето дете, отколку да пробувате да го промените. 

Како да се справите со перфекционистички настроеното дете кон спортот?

Кога го канализирате перфекционизмот кај вашето дете, тоа значи дека сте ја препознале неговата карактерна особина и дека изнаоѓате начини да му помогнете за негово добро и за доброто на останатите околу него, наместо детето безпотребно да се измачува.

1. Дозволете му барем еден ден да се опушти. Тоа нека му биде забавно искуство. Тој ден, нека не мора да го намести креветот или да ја напише целата домашна работа. Но внимавајте, не би сакале ваквото однесување да му стане навика!

2. Во натпреварувачка спортска средина, перфекционизмот расте, па затоа побарајте активности надвор од спортот каде вашето дете нема да биде оценувано или осудувано и каде процесот повеќе се цени од самиот продукт. 

3. Предизвикајте го да превземе ризици, да размислува надвор од неговата структуирана перфекционистичка кутија. Охрабрете го да игра некој спорт само од забава, без свирчиња, без бодови, без статистики. Кога ќе покаже малку спонтаност и волја за дотогаш неудобните работи, потврдете му ја неговата храброст и обид. 

4. Дозволете му да прави грешки. Тоа не треба директно да му го соопштите, туку во моментот кога ќе направи грешка, дозволете таа да помине притоа не правејќи голема работа од тоа. 

5. Немојте да го храните чудовиштето. Перфекционизмот расте кога се охрабрува. Ако вашето дете перфекционист не престанува да шутира додека не ја постигне зацртаната бројка, дадете му до знаење дека времето за овој предизвик е завршено, но дека постигнал одличен успех. При играта или тренингот, помогнете му на детето да се фокусира на она што е правилно, како и на она што треба да го подобри кај себе. 

6. Првородените деца во повеќето случаи се перфекционисти. Оваа појава е типична бидејќи родителите често ги третираат првите деца малку поинаку од останатите. Бидејќи родителите се поструктуирани со нивните први деца, затоа и децата бараат повеќе структуираност во животот. Оваа теорија не може да се земе како апсолутна, бидејќи секогаш постојат исклучоци.

Но статистички гледано, повеќето директори и претседатели на компании се првородени деца, а поврзаноста е во тоа што на нив често им се дава одговорноста да се грижат за своите помлади браќа или сестри, па затоа и природно им доаѓа да бидат главни на работа. Во спортската арена, овие деца најчесто се лидери во тимот. 

7. Справете се со вашиот перфекционизам. Во ред е ако некогаш немате контрола над ситуациите. Можете ли да се справите со растурениот дом кога сте премногу зафатени да го исчистите бидејќи присуствувате на премногу натпревари и тренинзи? Покажете му на вашето дете што значи да се прифати нешто помалку од перфекција. Навистина, и тоа е во ред. 

8. Хуморот е неопходен. Малку зафркавање или задевање во прикладни моменти може да го поправи расположението и да го натера детето да престане да размислува само на себе. Несовршеноста не е крај на светот. А тоа значи дека треба да направите пример за тоа како да се смее и на своите грешки. 

Можеби не мислите дека го притискате вашето дете перфектно да игра спортови, но преиспитајте ги пораките кои му ги испраќате на вашиот млад спортист. Иако му кажувате дека трофеите не ви се важни, доколку ве слуша како коментирате за постигнатите поени, детето перфекционист може да се почувствува вознемирено ако не изигра на ниво.

На крајот од денот, најважно е детето да знае дека вашата љубов е безусловна и дека не е базирана на тоа какви резултати постигнува во спортот.  

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија