Играјте со вашето дете

Од големо значење е потребата децата да си играат сами, како и со други деца без мешање на возрасните, но исто така истражувањата ни покажуваат дека од особено значење е и родителите да си играат со своите деца.

Децата чезнеат да поминуваат време со своите родители. Тоа им прави да се чувствуваат посебни. Ги охрабруваме родителите редовно да наоѓаат време кое ќе го поминат играјќи со своите деца. Ова би требало да вклучува ‘еден на еден’ со секое дете и заедничко време со сите возрасни и деца во домот. Ако сте самохран родител или ако имате само едно дете, повремено поканувајте ги роднините или пријателите да си играте заедно.

Во играта доволете му на детето само да ја развие темата. Навлезете во нивниот свет. Дозволете им играта да ги понесе. Поставувајте прашања. Вклучете се во играта. Бидете будалести заедно со нив и забавувајте се. Избегнувајте претерана возбуда. Бидете свесни кога е време играта да запре.

Исто така, во одредени ситуации, родителите можат да користат играчки од партали или марионети како би претставиле некоја реална ситуација која може да подучи на решавање на некој реален проблем или на социјални вештини. Нека марионетката го покаже погрешниот начин на справување во одредена ситуација. Потоа одиграјте го подобриот начин и дозволете му на детето самото да проба.

Повеќе можности:
– Играјте си надвор. Фрлајте топки. Туркајте ги децата на лулашки. Правете торти од земја. Одете на прошетка низ соседството. Прошетајте се во природа.
– Играјте игри: карти, игри со таблички, весели и смешни детски игри. Помогнете им да научат кога е нивниот ред, како да победуваат, како да губат. Пофалувајте ги. Охрабрувајте ги. Смејте се заедно.
– Сите заедно вклучете се во некоја практична активност како редење на сложувалка, заедно правете колачи, насликајте слика.
– Заедно слушајте музика. Заедно пејте и свирете на ударни инструменти во ритамот на музиката. Извадете ја гитарата и пианото и заедно компонирајте.
– Читајте книга заедно. Поставувајте прашања. Предложете им да ја променат приказната или да измислат нова.
– Заедно гледајте филм. Откријте што им се допаднало на вашите деца, како тие се почувствувале. Откријте ги интересите на вашето дете. Коментирајте и дискутирајте за се.
– Играјте детски игри како што е криенка.

Помогнете им на децата кога тие покажуваат потреба за тоа и истото искористете го како време за учење на:
– трпение;
– решавање на проблеми;
– социјални вештини;
– креативност.

Играњето со вашите деца гради врска меѓу вас која ќе трае засекогаш. Прави детето да се чувствува сакано и ценето. Ја отвара вратата за споделување на проблемите и грижите кога за истото ќе се појави потреба. Му помага на родителот да ја открие уникатноста на секое дете. Исто така играњето е и намалувач на стрес кај преморените родители.

Семејните заеднички активности се одлични за целото семејство. Тие помагаат да се развијат силни семејни врски кои ќе траат засекогаш. Може да се каже дека семејството кое заедно си игра, заедно останува. Тие исто така придонесуваат за соработка, поддршка и отворена комуникација. Овие квалитети ја зголемуваат самодовербата, социјалните вештини и чувството на поврзаност која на децата и тинејџерите им помага добро да расудуваат при појава на конфронтации, потешкотии и искушенија.

Семејна вечер за играње:
Еве една одлична традиција која многу лесно можете да ја започнете. Одберете една вечер и направете ја да биде семејна вечер за играње. Постепено додавајте игри кои можат да бидат забавни за целото семејство. Менувајте се кога кој да ја одбира играта што ќе ја играте. Водете сметка играта да биде соодветна и за најмладиот играч. Право време да се поврзете преку пријателско натпреварување. Учете кога ви доаѓа редот да играте и како да играте фер. Учете како да бидете добар губитник и добар победник.

Охрабрувајте ги активностите надвор од домот:
Време е да го сопрете синдромот “Couch Potato”.Педијатрите откриваат дека повеќето деца немаат доволна физичка активност. Родителите можат да бидат добар пример така што ќе си играат надвор со своите деца. Па, тоа исто така е добро и за возрасните. Охрабрувајте го вашето дете да биде активно. Помагајте им да развијат добра моторна координација и да научат да спортуваат.

Извор
Превод: Ена Балова Јовановиќ – Бреинобреин едукатор