Наслов

Аминот наш насушен!

Религиски, многу долго време лебот го држи епитетот „насушен“, но науката, нормално, замешала прсти и докажала дека витамините сe уште понасушни кога станува збор за здравјето и животот (не само преживувањето). 

Така, поимот витамин е всушност кованица од латинскиот збор „vita" односно живот и „amine" видот на биохемиската молекула и во буквален превод тоа значи амин на животот!

Витамините се есенцијални органски нутрициенси кои се потребни во многу мали количини за нормалниот метаболизам, растот и физичката и менталната благосостојба. Повеќето од нив не се произведуваат во човековото тело, или само во многу мали количини, и потребно е да се внесуваат најмногу преку храната.

Кога нивниот внес е неадекватен, настануваат витамински дефицити и последователни промени во нормалното телесно функционирање. Витамините се присутни во храната во трагови (минимално) споредбено со макроелементите како протеините, мастите и јагленохидратите. Просечниот човек кој живее во индустријализирана област јаде околу 600g храна дневно (сува мера), од која помалку од 1g содржи витамини.

Ниедна храна не ги содржи сите витамини потребни за човекот па затоа една балансирана и варијабилна исхрана е неопходна за адекватен внес на истите. Постојат 13 витамини кои се познати денеска и секој од нив има специфична улога во телото, што ги прави истите уникатни и незаменливи. ВИТАМИНИТЕ СЕ ЕСЕНЦИЈАЛНИ ЗА ЖИВОТ!

Од 13-те познати витамини 4 се липосолубилни односно растворливи во масти K, A, D и E, а останатите се хидросолубилни т.е. растворливи во вода, а тоа сe: витаминот C и B-комплексот, кој се состои од витамините B1, B2, B3, B5, B6, B7, B9 и B12.

Секој од овие 13 незаменливи биохемиски молекули е важен за бројни физиолошки функции на организмот. Некои имаат функции слични на хормоните како на пример витамините D и А. Други пак функционираат како антиоксиданси (Вит. Е и C), а најголем број од нив (B комплексот) функционираат како прекурсори за ензимски кофактори, кои помагаат во метаболизмот.

Факт е дека секој од овие витамини е неопходен и важен, па затоа да се трудиме да ги внесуваме во адекватни количини!

13 Ноември 2012

За авторот