Од домашната билна аптека

Жалфија – ефикасна на повеќе полиња

Не пропуштајте прилика да зачините некоја манџа или да сварите чај од оваа билка…

Латинското име на видот е salvia, а доаѓа од зборот „салваре“ што значи „спасување“, „лекување“. Родот што се користи во нашето секојдневие е salvia officinalis, кој докажано поседува лековити карактеристики, а се користи и во кулинарството.

Полезностите од жалфијата, во најголем дел се должат на содржината на етерични масла, кои покажуваат ефикасност против некои видови на патогени бактерии, но и габички. Етеричното масло од жалфија со векови било употребувано заради антибактериските карактеристики во улога на антибиотик, сè до отпочнувањето на ерата на антибиотиците.

Освен тоа жалфијата покажува и антивоспалително дејство, па во вид на гаргара или како инхалација се препорачува и кај воспаленија во горните делови од дишните патишта или алиментарниот систем. Кога станува збор за ранички во усната празнина, афти, гингивити или пародонтопатија (крварење од непцата) концентрираниот чај од жалфија е лек кој ќе ви го препорача секој стоматолог. Испирањето се прави неколку пати на ден, се додека раничките не заздрават или не се намали крварењето.

Повеќе студии се посветени на ефикасноста на жалфијата во когнитивната функција. Во сите спроведени студии жалфијата се покажала како билка која значително ја подобрува долготрајната меморија и когнитивната функција. Жалфијата понекогаш може да помогне и кај прекумереното потење кај жени во менопауза или потење од нервно потекло, затоа што има смирувачко дејство врз нервниот систем.

Оваа билка можете да ја користите во вид на етерично масло или концентриран чај кој ќе служи за инхалација, за испирање на устата или за пиење. Освен тоа балканската кујна користи жалфија во најразлични јадења, но најчесто добро оди во масни јадења или маринада за месо.

Употребата на жалфија е контраиндицирана кај доилки, бремени и епилептичари.