Наслов

Јапонско јаболко - здравје за сркање

Настапи сезоната на јапонските јаболка. Дур се молиме да скапат, да видиме што полезности нуди овој есенско-зимски дар?!

Јапонското јаболко, кое кај нас најчесто доаѓа од Валандово го донел Лазар Колишевски по едно патување во Кина. Оттогаш па наваму, народот си го нарекол јапонско, а најверојатно на формата и големината се должи она „јаболко“, иако нема никакво сродство со јаболката. Најмногу се одгледува во Валандовскиот регион, но често и во останатиот дел од земјата по дворовите се наидува на ова дрво.

Во ладните месеци кога изворот на витамини и свежо овошје е поограничен, јапонското јаболко доаѓа како вистински бонус. Изобилува со огромни количини на витамин А и бетакаротени кои ја диктираат и неговата портокалова боја. Во едно јапонско јаболко има приближно 50% од дневните потреби на витамин А, важен за острината на видот и здравјето на коските, кожата и непцата. Освен овој витамин, јапонското јаболко содржи убава количина на витамин Ц и железо.

Ова овошје исто така изобилува и со минерали, меѓу кои и селен. Токму поради антиоксидансните својства на овој минерал, по катастрофата во Чернобил, од Валандово биле извезени големи количини на јапонски јаболка токму за овој регион. Освен селен, застапени се и бакарот и калиумот.

Освен нутритивните придобивки, ова овошје изобилува и со флавоноиди за кои се смета дека имаат позитивен ефект врз здравјето. Еден таков флавоноид е фисетинот, кој е застапен во јапонското јаболко. Овој фитонутрициенс има антикарциногено, антиинфламаторно и антивирално својство. Некои научни истражувања покажале дека фицетинот може да има и позитивно влијание кај болни од Алцхајмерова болест.

Без разлика дали го јадете за онаа доза на витамини во услови на зимска рестрикција или го сркате заради слаткиот вкус, јапонското јаболко секогаш претставува добар извор и вкусен десерт.

24 Ноември 2014

За авторот