Ако пресечете со сечење леб…

Во моментот кога драстично ќе го намалите внесот на јаглехидрати во вашето тело ќе почнат да се случуваат ред промени од кои некои се добри, а некои не.

Избегнувањето на јаглехидратите и ограничено внесување шеќери е тренд во исхраната кој ја демонизира оваа третина од макронутритивното трио (јаглехидрати, протеини, масти). Сепак не сите житарки се исти. Во зависност од тоа дали избегнувате рафинирани шеќери, полнозрнести производи и воопшто јаглехидрати настануваат различни промени во телото.

НАМАЛУВАТЕ ТЕЛЕСНА ТЕЖИНА

Кога ќе пресечете со внесот на јаглехидрати веднаш ќе забележите намалување на телесната тежина. Сепак не станува збор за топење на масните наслаги (освен ако дополнително не вежбате). Всушност секој грам гликоген во телото задржува три до четири пати повеќе вода, па на тој начин паралелно со губењето на гликогенот губите и вода.

СТАНУВАТЕ НА ЛЕВА НОГА

Бидејќи шеќерите се основно гориво за мозокот, откажувањето од јаглехидратите некои луѓе го поднесуваат тешко во смисол на расположението и мисловниот процес. Откако ќе се потрошат залихите на гликоген, мозокот продолжува да се храни со кетоните (добиени од метаболизмот на мастите) кои не се толку ефикасен извор, па лошо расположение и чувство на малаксаност може да бидат присутни симптоми. По извесно време сепак телото се адаптира на новото гориво.

ГО ЗАУЗДУВАТЕ „СЛАТКИОТ ЗАБ”

Рафинираниот шеќер многу брзо се апсорбира и циркулира низ крвта, за потоа одеднаш нивото да падне. Во таков „ми падна шеќерот” момент често посегнуваме по првото слатко нешто што ќе ни биде на дофат, често правиме лош и нездрав избор кој ни ја нарушува целата дотогашна диетарна дисциплина. Исхраната која вклучува сложени јаглехидрати и полнозрнеста храна која изобилува со диетални влакна го одржува стабилно нивото на шеќер во крвта.

РИЗИКОТ ОД ХРОНИЧНИ ЗАБОЛУВАЊА РАСТЕ ИЛИ ПАЃА?

Во зависност од тоа од кој тип на јаглехидрати се откажувате може да го зголемите или намалите ризикот од дијабетес или кардиоваскуларни заболувања. Додека рафинираните шеќери кои во најголем дел се содржат во процесираната храна, белото брашо, белиот шеќер, десертите и слично се поврзуваат со зголемен ризик од претходно спомнатите заболувања, храната како полнозрнестите житарки кои изобилуваат со сложени јаглехидрати и диетални влакна се смета дека има превентивна улога од истите заболувања.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија