Дамски прсти во кујна?!

Кога во турлитава ќе се замешаат „дамски прсти“, само во еден случај испаѓа нешто вкусно. Кога „дамските прсти“ се англискиот термин за бамја.

Интересна е приказната како бамјата добила светска слава. Во времето на втората светска војна и страшен недостаток на главниот утрински пријател – кафето, луѓето почнале да ги користат нејзините зрна како замена. Оттогаш па наваму бамјата е присутна по пазарчињата, а се употребува од времето на Клеопатра, односно оваа дама била убедена дека бамјта делува позитивно за нејзината убавина.

Иако често е бамјата да се одбие заради нејзината способност да лачи една лигава и леплива материја сепак тоа е она што во кулинрството се применува како згуснувач за супи и чорби, а целата мешунка изобилува со многу хранливи материи, па топло ви препорачуваме да не ја избегнувате.

Исто така, таа лигава и леплива материја која потекнува од полисахаридите (сложените шеќери) има и смирувачко дејство кај воспалителни процеси на дигестивниот систем, делува како лубрикатор во цревата, а диеталните влакна ја подобруваат столицата.

  • Еко факт: според една студија од 2009 година, бамјата е одлична суровина за биогориво.

Дел од нутритивните добра што ги нуди бамјата се висока содржина на витамин Ц, кој ја прави добар антиоксидатор, добра доза на Б комплексот и фолна киселина. Сето тоа спакувано во само 33 калории на 100 грами. Исто така претставува и добар извор на незаситени масни киселини како олеинска и линолеинска.

Витаминот А е присутен во бамјата во поголема количина, а заради фолната киселина се препорачува кај трудници, за правилен развој на плодот. Од минералите таа изобилува со калциум и магнезиум.

  • Совет од кујната: Ако сакате да го избегнете формирањето на мукус и да ги задржите сите хранливи состојки, гответе ја бамјата само кратко и на пониска температура. И обратно, ако немате проблем со лигавата материја, за да подмачкате црева, гответе ја подолго.