Нека ви тргне денот како „мед и млеко“

Не ви се потребни долготрајни гуглања по интернет, ниту пак буричкања по старите кувари, едноставно распрашајте го првото деденце или бабичка во вашето маало и сè ќе ви изнакажат за пијачката мед и млеко.

Засебно, медот и млекото се крајни природни производ кои влегуваат во сите препораки за здрав и долговечен живот. Едноставно промешајте 2-3 лажички мед во шолја млако млеко и поздравете го вашето тело со пијачка која има библиска историја.

Млекото со својот состав влијае на уредната хидратација на организмот и е одличен додаток за развој и регенерација на мускулно – скелетниот систем. Го намалува ризикот од кардиоваскуларните заболувања, а поновите студии дошле до заклучок дека го намалува ризикот од дијабетес тип 2 и канцер на дебело црево и дојка.

Медот е одличен и здрав засладувач, антиоксиданс, енергетик, провокатор на потрошувачката на мастите со антибактериски и антифунгални особини.

Медот и млекото како комбиниран напиток ја зголемува својата ефикасност во регулирањето на гастричниот баланс и дава одлична поддршка во лекувањето на непријатните настинки и кашлици пред сè предизвикани од стафилококните бактерии.

Овој комбиниран пијалак заслужува да биде дел од вашето утринско мени за да ви појде денот како мед и млеко!