Започна Beach Run 2016 во Скопје: Ајде да ја трчаме Македонија на плажа и со здрава органска храна

Вчера во Скопје на кејот на Вардар кај скејт паркот во Центар, со почеток во 18 часот, започна летната серија од пет трки на плажа низ Македонија.

Должината на трката изнесува 5 километри и ќе се трча долж кејот до мостот кај хотелот Александар Палас и назад. 

На трката во Скопје имаше специјален штанд со органски производи од македонски производители, на кој учесниците и публиката имаа можност за дегустација и набавка на здрави органски продукти.

Во трките кои се дел од серијата Beach Run 2016 може да учествуваат сите оние кои го сакаат трчањето и тоа на сите, неколку или една трка. Остварениот резултат на секоја од трките носи соодветен број на бодови според кои се формира табела со резултати, чиј финален изглед ќе ги даде победниците на летната лига во трчање на 5 километри.

За победниците на секоја од трките и на целата лига е обезбеден паричен награден фонд од 1.000 евра и врвна спортска опрема за трчање од производителот Најки. 

Пријавувањето за учество во Beach Run 2016 е преку веб страната на www.prvdovrv.mk

Настанот има за цел да го популаризира активниот спортски живот и трчањето во летниот период, кога луѓето се обично на одмор и на плажа. Серијата Beach Run го става трчањето во контекст на плажата и можностите за спорт и рекреација што таа ги нуди. Токму затоа во серијата се застапени петте најпопуларни дестинации покрај вода во Македонија. 

По првата трка во Скопје, следуваат трките во Претор на 10 јули, Дојран на 17 јули, Маврово на 24 јули и завршната трка во Охрид на 31 јули.

Настанот го организира здружението за спорт и рекреација Прв до врв од Скопје во соработка со локалните самоуправи и со поддршка на деловната заедница.