Усеин Болт – „Сè уште сум тука и сè уште сум најдобар”

Исклучително интересно интервју направено ексклузивно за Runner’s World ги открива урнебесно добрите и позитивни страни на најдобриот светски спринтер, а можеби и најуспешниот спортист на сите времиња, Усеин Болт. Особено добро да се прочита откако поштено го исплеска Гетлин на 100 и 200 метри спринт на светското во Пекинг.

превземено во целост од тука / автор Кери МекКарти


Имаш 29 години и си на врвот веќе долго време. Дали се чувствуваш постар и дали имаше потреба да се адаптираш?

Благодарам што ме потсетивте дека стареам! Само ќе ве потсетам дека на секои три месеци одам на доктор во Германија за испитувања на целото тело и ниту еднаш не сум потфрлил. Тренинзите ми се понапорни затоа што мојот тренер повеќе ме форсира. Нормално, стартуваме со послабо темпо на почетокот од сезоната и полека се издигаме, но овојпат тренерот започна со многу повеќе повторувања на вежбите од било кога, секојпат побрзо и со помали паузи меѓу сериите. Сака да го шокира моето тело со што би се адаптирало побрзо, сега откако сум веќе постар. Имам сколиоза (неправилност во рбетниот столб) па затоа морам редовно и коректно да ги правам вежбите за мускулите на трупот. 

Како се справи со 2014 година кога имаше многу повреди, а се натпреваруваше само два пати?

Имав среќа што повредата се случи на крајот од годината. Ќе бев многу понервозен да беше некоја олимписка година. Ми недостасуваше натпреварувањето, но си повторував дека би било грешка прерано да се вратам во колосек и дека треба да го искористам времето за да станам посилен од било кога. Помогна тоа што луѓето зборуваа дека сум готов со мојата кариера. Ме мотивираше да ја направам мојата рехабилитација како што треба за кога ќе се вратам да им покажам на сите дека се уште сум тука, и дека се уште сум најдобар.

Како можеш да се заштитиш од повреди во иднина?

Јас и мојот тренер имавме различни мислења во врска со ова прашање за кое што без изненадување, тој победи. Јас мислев дека треба да бидам нежен со себеси и да се издигнам кога ќе дојде време за трка, но тој мислеше дека како што стареам тоа е премногу ризично т.е. морам цело време да се одржувам во форма. 

Како се храниш овие денови?

Не сум јадел КФЦ околу 4 месеци, нешто што ме убива. Се обидов да го подмитам мојот готвач, но не само што тој е „неподмитлив”, туку ме брка по куќата за да се осигура дека јадам се што тој зготвил. Исто така ми ги става пред мене сите витамини и суплементи кои треба да ги примам за да не ги заборавам. Јадам многу зеленчук, и ги мразам сите видови. Порано ги јадев повремено, но сега со секој оброк имам зеленчук. Но не можам веќе да се вадам на работите. За да бидам во форма морам да тренирам перфектно, а јадењето е дел од тренингот, па така, зеленчукот оди во мојот стомак. Се тргнав и од алкохолот – румот и тие работи – но се уште пијам по некој Гинис или едно-две Хајнекени. Човек мора да пивне нешто, нели?

Дали се уште живееш опуштено со твојот најдобар другар?

Не, повеќе не е така. Близок сум со една девојка сега и живеам одговорно и сам во Кингстон.

Како се справува твојата фамилија со сегашното ниво на слава што ја имаш?

Најчесто тоа не ги засега. Единствено кога сме некаде излезени заедно, па луѓе ми приоѓаат да се сликаат. Порано тоа не се случуваше но сега дури и во Кингстон се случува. Кога сум надвор со мојата фамилија ја имаме старата семејна динамика – јас не сум Усаин Болт, ѕвездата туку јас сум Усаин Болт, малото дете. Одам дома и лежам со главата во скутот на мајка ми, ме праќаат во продавница и такви работи. Последниот пат кога бев дома мајка ми ми ги сечеше ноктите. Никогаш не си престар или преславен за тоа. 

А како ја поднесуваш славата?

Најчесто е забавно. Не сум од оние луѓе кои мразат вниманието да биде на нив. Најголемо задоволство ми причинува фактот што успевам да се запознаам со луѓе кои јас ги сметам за легенди. Сега брзо се запознав со Мајкл Џордан кој беше фантастичен. За мене е чудно што луѓе како него ме познаваат. 

Сепак, мора да има и негативна страна?

Новинарите ме прашуваат глупави прашања. На Комонвелт Игрите минатата година ме прашаа се и сешто, од дали досега сум носел килт, до што мислам за исходот на рефереднумот за независност во Шкотска. Секој сака да ја дознае секоја моја мисла за сешто. Тоа е нешто што ме нервира, ама е дел од работата. 

Дали навистина ги нарече Комонвелт игрите „ср*ње”?

Што мислите? Не бев среќен за тоа, но после се смеев заедно со мојот менаџер Рики Симс. Ако требаше да го кажам тоа, немаше да ја искористам истата фраза дефинитивно – тоа не е збор што Јамајканците го користат. Би кажал „гом*о”, но всушност не кажав ништо. Јас сум во центарот на вниманието и луѓето сакаат да станат познати со тоа што моето име го поврзуваат со нешто негативно. Не можам да направам ништо против тоа.

Што во последниве години те држи на тартанот?

Го имам Светскиот шампионат во Пекинг во Август и Олимписките во Рио наредната година. Сакав да се пензионирам после тоа меѓутоа моите спонзори сакаат да терам уште некоја година, па најверојатно ќе одам до Светското во Лондон 2017 и после тоа ќе се пензионирам. Планот е да освојам три злата во Пекинг, три во Рио и да направам трипл-трипл и потоа една во Лондон, затоа што ќе се натпреварувам само во 100 метри. На кратко, целам кон континуирано издигнување.

Што те мотивира за да продолжиш понатаму?

На тоа најмногу работи мојот тренер. Во минатото понекогаш бевме фокусирани на часовникот и правењето на рекорди, а некогаш на медали. Сега работиме единствено на обезбедување на моето наследство. Уште сега сум најдобриот спринтер на сите времиња, но доколку продолжам да освојувам злата, можам да бидам најдобрата атлета на сите времиња. Некој може да се појави и да сруши некој од моите рекорди, но за да се сруши целото наследство ќе треба да ја победи целата моја работа. Затоа, колку повеќе можам да победувам и станувам подобар, толку потешко ќе биде тоа да се засени. Тоа е тоа што ме станува секое утро од кревет. 

Нешто друго?

Го користам стравот од неуспех често – тоа е многу моќно оружје. Во минатото се фокусирав на врвна форма за време на натпреварувањата, но ако го практикуваш тоа често може некој да се појави и да те победи. А да бидеш поразен одзема од сјајот на твојата репутација. Горд сум што никогаш не сум бил поразен во сениорска категорија откако првпат ги срушив 100-те метри во мај 2008. 

Дали си гладен (за успех) како што беше? 

Навистина е тешко да се одржиш фокусиран со толкавиот успех, но за мене Олимпијадата е многу едноставна мотивација. Тоа е најголемото шоу на планетата земја а спринтот како категорија е најголемиот дел од тоа шоу. На Светскиот шампионат сум малку поопуштен, но новиот мотивационен пристап сигурен сум дека ќе дадам се од себе и таму. Повеќе не размислувам што сакаат фановите или кој колку брзо трча или од кого треба да се пазам. Сега мислам само на себе и на мојата работа. Наследството е главната работа во мојот живот сега а тоа значи дека ако сум пет метри понапред со уште 10 пред мене, нема да намалувам и да се удирам во гради. Ќе притискам додека не го постигнам најдоброто време, секогаш.

Дали мислиш дека некој може да ти парира во однос на твоите времиња ( 9,58 секунди на 100 метри, 19,19 за 200м)?

Мислам дека не, но и да  се обидат, ќе го постигнат тоа само еднаш. Секој може да има добра трка или еден ден и за тоа не се грижам. Да се направи тоа што јас го направив и да се освојат повеќе злата, на едноподруго Светско и Олимпијада, е тоа е тешко. Ако истрчам 9,4 на 100 метри нема да бидам горд кога ќе се пензионирам. Ќе бидам горд со тоа што сум останал непобедлив цело тоа време. Истотака,, ако истрчам под 19 секунди на 200 метри… човече, колку би сакал. Тоа навистина го сакам, и мислам дека можам. 

Дали мислиш дека атлетиката има голем проблем со допингувањето како што сите велат?

Има огромен проблем, нема сомневање за тоа, но суспензиите што планираат да ги воведат се многу построги во однос на порано и целосно се согласувам со тоа. Четири години се доволни за да го натераат секого да размисли два пати. 

Што е со твојот пораешен другар Тајсон Геј кој беше фатен во 2013 но доби помала суспензија затоа што соработуваше со истражителите?

Бев доста вознемирен за тоа. Тој доби година дена затоа што кажа на властите како се допингувал и кој му помогнал. Тоа испраќа погрешна порака: „Ако го правиш тоа и те фатат, само признај и ќе ти ја намалиме казната.” Тоа е најглупавата работа што сум ја слушнал. Пораката треба да биде: „Ако мамиш ќе бидеш исфрлен од спортот.”

Дали фактот што спринтот е главен допинг проблем те загрижува?

Секојпат кога одиме чекор напред одиме и неколку чекори назад. Затоа треба да внесеш страв во натпреварувачите, да ги натераш да размислуваат за последиците од нивните акции. Ако добијат мала казна, зошто би се грижеле? WADA – Светската анти-допинг агенција треба да обрати поголемо внимание на ова. Сега најверојатно ќе има четиригодишна казна за првостепен акт и со тоа се согласувам во целост. 

Што мислиш за натпреварувањето со спортисти кои се допингувале како Геј?

Никогаш не можеш да бидеш среќен за тоа, но што можеш да направиш? Кога се местиш на линијата знаеш дека тие го правеле тоа, но не знаеш кој друг можеби и во моментот го има направено тоа. Не ме мотивира дополнително затоа што секогаш сакам да ги победам сите други. Но искрено не ми е драго што ќе се натпреварувам со Тајсон. Ми смета. Не сум загрижен доколку тој ме победи, мислам дека е така затоа што го почитував долго време. Тој беше моја конкуренција, ме држеше на прсти и ме притискаше да бидам најдобар. Но откако открив дека се допингувал… мислам дека чувството е како родителите кога ќе дознаат дека нивното дете правело лоши работи и ги изневерило. Се чувствувам како тој да ме изневери мене, вклучително и целиот спорт. 

А како се справуваш со сомнежите за тебе?

Не ми пречат воопшто. Јас го знам правиот пат. Плус ме тестираат често – најверојатно многу повеќе од било кој друг спортист на земјава. Но не ми смета, не можам да сакам чист спорт а да се жалам за тоа што ме тестираат. Луѓето што го работат тоа може да дојдат кога сакаат да ме тестираат. Слушнав дека агенцијата ќе воведувала и тестирање преку фоликули на влакно што мислам дека е ОК.

Дали започна со плановите за пензионирање?

Како што сите знаат отсекогаш сум сакал да играм за Манчестер Јунајтед но сега откако Сер Алекс Фергусон не е на клупата повеќе таа идеја не е атрактивна за мене. Но поседувам бар во Кингстон – Usain Bolt’s Trakcs & Records, а сега имам и свој бренд за облека такашто ќе имам работи со кои ќе се занимавам. Единствено што знам со сигурност е дека ќе се преселам во руралните делови од Јамајка откаде што потекнувам. Не сум гратско дете и Кингстон е премногу бучен за мене. Сакам да купам некое земјиште на плажа блиску до моите родители. Ќе можам да се одмарам и да уживам во морето. Можеби ќе направам некое дете или две, не сум одлучил. Би сакал да верувам дека би бил строг родител како моите родители со мене, но мислам дека ќе ги разгалам моите деца.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија