Наслов

Шарпланински - Од мој агол

Постојат места за кои колку и да пишувате, колку и да раскажувате секогаш ќе имате впечаток дека не е доволно. Како да е изгубена суштината, како нашата фасцинираност да е угушена во меморијата на погледот. Како секој кажан и напишан збор празно да одѕвонува во сеќавањата. Она што следи е токму тоа, безуспешен обид да ви доловам нешто што мора сами да го доживеете.

Шарпланински скајрејс е трка во планинско трчање што се оддржува втора година по ред. Тоа е прва прекугранична трка која секоја година стартува или завршува на две места, Старо Село во Тетово и Штрпце на Косово. Годинава трката стартуваше на македонска страна а финишираше на косовска. Трката е во должина од 33км и позитивно висинско искачување од 2600м. Се качуваат три врвови: Љуботен 2499м, Ливадички врв 2500м и Пирибег 2524м.

На трката одам втор пат, а и минатата и оваа година имав благ страв. Минатата година заради страв од непознатото, оваа година заради тоа што знаев што ме очекува. Шара е безмилосна колку што е убава. Како и да е ќе останете без здив, што од фасцинираност од опкружувањето што од апсолутна физичка истоштеност. Ако сакате да останете без зборови и да ги почувствувате сите елементи на природата, топло ви ја препорачувам Шара.

На стартот пристигнавме еден час пред почетокот на трката. За разлика од минатата година кога трката стартуваше во Косово, годинава на стартот стигнав свеж и одморен. Поголемиот дел од учесниците ми се познати. Тоа е една мала и отворена заедница која на посебен начин е заљубена во природата, планините и трчањето. Тоа е заедница која постојано ги става на тест и ги поместува своите физички и ментални граници. За мене се мотивација и доказ дека и обичниот човек способен за големи достигнувања ако вистиснки ја следи својата пасија.

Секогаш кога одам на трка ми треба малку време за себе. Сакам да сум сам на неколку минути пред стартот на трката. Тоа е ритуал кој ме прави посмирен и пофокусиран. Поучен од минатите трки, знаев дека за мене е многу важно во трката да влезам мирно и полека да го фатам својот ритам. Бев сигурен дека трката ќе трае околу 6 часа а тоа значи дека нема простор за форсирање на старт. По краткото загревање и проверка на опремата дојде време за старт.

Со Игор Пирковски се договоривме да одиме заедно низ целата трка. Тргнавме полека и постепено влегувавме во ритам. По некои 15тина минути, сфативме дека темпото со кое трчаме за нас е идеално и дека со тоа темпо на врвот Љуботен би биле за отприлика 2 часа. Патеката до првата контролна точка на трката, планинарскиот дом Љуботен, минува низ шумски земјен пат. Тоа е единствениот дел од трката на кој може да се трча речиси во целост. Километрите минуваа а јас не паметам дека некогаш на трка сум се чувстувал толку добро. Се беше како што треба. Никаков замор, грч или мачнина. Постојано имав чувство дека можам многу побргу, но кога и да го помислев тоа веднаш помислував и на тоа дека трката речиси и да не е почната. По отприлика 40тина минути формиравме една група од 5-6 тркачи која во најголем дел се задржа до крајот на трката.

Пристигнавме на првата контролна точка. Повеќето од тркачите со кои пристигнав брзаа да продолжат кон Љуботен. Јас, не. Прво, мислам дека голем дел од тркачите не внесуваат доволно храна и течности за време на трката и второ знаев што ме очекува. Знаев дека мојот најголем проблем ќе биде висината и недоволната аклиматизираност. Поминаа повеќе од 10 месеци од кога последен пат бев на висина од 2000 или повеќе метри. Немав можност да направам тренинг на таа висина и речиси сите тренинзи ги правев на Водно. Тоа е добро, но не е доволно.

Тргнавме нагоре кон Љуботен. Сте биле ли некогаш на Љуботен? Тоа е онаа пирамида со која почнува Шар Планина. Од далеку изгледа маркантно, од близу е неверојатно моќна. Толку многу доминира во просторот што се околу него изгледа неважно. Бев сигурен дека овој дел од трката за најголемиот дел од учесниците ќе биде чистилиште во буквална смисла на зборот. Гледав како брзаат нагоре и како Љуботен им ја одзема снагата од минута во минута. Јас бев во свој ритам и од време на време подзастанував да го погледнам надолу. Од таму се гледа речиси половина Македонија. Градови, села, планини, реки, езера... Сè. Се гледа и човековата условена слобода. Потребата да апстрахира и да исцртува линии кои постојано го ограничуваат. Затоа и ги сакам планините. Тие се моето бегство од лудилото на секојдневието, од цивилизациското беснило.

На Љуботен бев за 2 часа и 5 минути. Беше студено и ветровито како да е зима. Не успеав да поуживам на врвот. А толку сакав. Цела Шар Планина на дланка. Еден поглед од врвот кон планината и ќе знаете дека со оваа планина нема играње. Сирова, сурова, дива, убава. Во целиот тој пејсаж секогаш се чувствуам така исполнето и минливо во исто време. Реков еднаш ќе кажам повторно, на Љуботен нема ништо и има сè. Сè што мене ми треба.

Време беше за спустот од Љуботен. Камен, карпи, сипар и мраз. Еден погрешен чекор и трката може да заврши. Плус, спустот не е мојот најсилен дел. Си дадов време. Разликата која може да се направи на спустот е не повеќе од 5 мин.

Некако се спуштив до седлото по неколку сериозни лизнувања и сопнувања. Таму беше втората контролна точка. Бев еден час пред лимитот и бев убеден дека агонијата од минатата година нема да се повтори. Се чувстував силно иако нозете ми беа тешки како олово. Тешко за разбирање, знам.

Тргнавме кон втората третина од трката. За разлика од минатата година, оваа година трката имаше повеќе качувања. Следуваа два врва од по 2500м. Олеснителна околност е тоа што веќе сте на околу 2000 метри, отежнувачка е што кога сте долго време на таа висина, едноставно немате доволно кислород и телото не функционира како што вие очекувате. Тоа е висина на која и најмалото искачување може да го доживеете како екстремен напор и да ве исцеди до крајни граници. Овој дел минува по сртот на Шара. Нас ни требаа околу 2 часа за да стигнеме до врвот Пирибег, а до тогаш се сменија сите годишни времиња.

Од секогаш ме фасцинирал како во природата не постои празен простор. Па дури и на вакви простори. Дури и најмала површина на земја, вода и сонце е доволна за нов живот. Сакам да сум дел од такво опкружување. Макар на кратко да бидам оттргнат од современите потреби и потрага на поголема смисла и да бидам дел од животот во кој се е посветено на "просто" создавање и трошење енергија.

На сртот на Шарпланина не очекуваше магла, сонце, ветер и температура близу до нулата. Стигнавме на Ливадички врв а нешто подоцна и до Пирибег. Поточно, на Пирибег бевме за 4 часа и 10 минути. Следеше спуст од речиси 15 километри кои знаев дека ќе ми бидат најтешки но во исто време знаев и дека со сигурност ќе стигнам на време за да го фатам лимитот на трката од седум часа.

Имав чувство дека трката е завршена. Како на Пирибег за заврши уникатната можност да се биде дел од сево ова. Бев во голема грешка. Со Димитар, Бојан и Игор со кои трчав низ целата трка, тргнавме надолу. Бевме сведоци на тоа како сировоста и суровста полека се претопуваат во благи и питоми пејсажи. Бескрај од ливади, потоци, водопади, густи жуми, полиња со боровинки, малини... Шара во своето најубаво издание. Спустот траеше и траеше и траеше, како да немаше крај. Болеа стапалата, нозете, целото тело.

Во последните 2 километри го броевме секој метар. На крајот се појави целта. Финиширавме сите заедно, горди на себе и своето постигнување. Сериозно сметам дека секој кој успеал да ја заврши оваа трка е херој. Ние успеавме за 6 часа и 20тина минути. За мене одлично време и за речиси 40 минути побрзо од минатата година.
Не знам дали можев подобро и побрзо. Знам дека Шара одново ме освои и знам дека еден дел од моето емотивно битие засекогаш ќе остане на Шара.

Појдете на Шара. Почуствувајте ја. Без часовник на рака, без техничка опрема, без ништо. Појдете и дозволете и е да ве освои. Застанете простум пред нејзината грамадност и засекогаш ќе останете поврзани со неа.

Фотографии:

Бојана Бораниева и Борис Гаџовски 

22 Август 2016

За авторот