Прво место на Хардрок 100 со дислоцирано рамо

Викендов во Силвертон, Колорадо се одржа овогодинашното издание на трката Хардрок 100 каде неверојатниот Килиан Жорнет успеа да дојде до неговата четврта победа по ред, но овојпат со повреда на неговото рамо. 

Хардрок 100 претставува еден од најтешките ултрамаратони во САД и светот. Трката е долга 100 милји (161 километар) во кои се минуваат 10000 метри денивелација но на прилично високи предели. Просечната висина на трката е 3400 метри со 13 врвови (превои) над 3700 метри и минување на врвот Хендис – 4200 м.н.в. 

Оваа година изданието беше исполнето со настап на некои од најдобрите светски ултрамаратонци, а главната случка која ја направи трката исклучително интересна е падот на првиот фаворит – Килиан Жорнет кои на околу 60-тиот километар го остави со дислоцирано рамо. Сепак, и покрај повредата, Шпанецот кој се наоѓа во врвна форма продолжува и успева во наредните 100 километри да одржи темпо во водечката тројка со Мајк Фут и Џо Грант и во негов стил да успее да се одвои и да победи со време од 24:32. 

Ова е четврта последователна победа на Килиан кој воедно ги држи рекордите на стазата (во двата правци 23:28 и 22:41 – секоја година се менува правецот на трката), но овогодинашните услови во кои се одржа трката заедно со повредата ја направија трката навистина уникатна. 

Во машка конкуренција втор заврши Мајк Фут, а трет беше Џо Гранд, а кај жените убедлива победа и покрај нејзиното губење направи Каролин Шеверот 28:31, втора Дарси Пису, а трета Натали Маукулар. 

Трката има лимит од 140 луѓе, а оваа година ја завршија рекордни 126.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија