СЕРИЈА НА ИНТЕРВЈУА ОД НЕВЛАДИНАТА ОРГАНИЗАЦИЈА ТАКТ НА ТЕМА ЖЕНИТЕ ВО СПОРТОТ

Наслов

Полина Кузнецова „И кога ми е најтешко, одам кон целта"

Полина Кузнецова, девојката која втора година потпишува договор со РК Вардар и заедно со своите соиграчки неуморно тренира и се подготвува за претстојната Лига на шампиони, каде што високо котираат меѓу оние кои се борат за титула. Таа е личност која дури и кога и е најтешко, оди кон целта што си ја има поставено пред себе. Има уште многу брилијантни моменти во кариерата на младата Полина Кузнецова.

1. Од каде потекнува љубовта кон ракометот? Дали пред ракометот се занимававте со друг спорт?

Мојот татко е ракометен тренер и на почетокот јас немав алтернатива кој спорт да го изберам, но љубовта кон ракометот дојде сама по себе. Само, на училиште се занимавав со лесна атлетика и учествував во натпревари од училиштето. Дури имам и некој степен во лесна атлетика, но не се занимавам професионално со атлетика.

2. Кое од натпреварувањата и шампионатите би ги издвоиле како најзначајни и најдраги?

Би ги издвоила Светските првенства во 2005 и во 2007 година и Олимпијадата од 2016 година во Рио. Морам да го издвојат полуфиналниот натпревар на Олимпијадата каде што го освоивме златниот медал. Тој натпревар беше многу комплициран и остави трага во мојот живот.

3. Дали сметате дека денешниот ракомет во РК „Вардар" ќе ја смени историјата на ракометот во нашата држава и многу пошироко?

Мислам дека кој било професионален тим и достигнување на тимот секогаш го развиваат ракометот во својата држава. Тоа секогаш носи напредок.

4. Зошто решивте да ја изберете Македонија и РК „Вардар"' за свој втор дом?

Мене секогаш ми се допаѓал „Вардар" како клуб и како екипа затоа што е многу професионален со високо професионални играчи и јас секогаш сакав да си ги пробам силите во ваков клуб.

5. Која е Вашата мотивација и предизвик во ракометот и во животот? Која е Вашата инспиративна приказна?

Јас сум човек што, дури и да ми е најтешко, секогаш одам кон целта што ја имам поставено пред себе. Јас имав мотивација да победиме на светските шампионати и секако дека сакав да победиме на Олимпијадата... Се разбира, на тоа ме поттикнува и љубовта кон ракометот.

6. Кои се најважните квалитети за една ракометарка?

Најважните квалитети на една ракометарка се никогаш да не застануваш, да не се откажуваш. Никакви пречки не треба да те сопираат, треба да одиш напред и колку да паѓаш, треба да станеш и да се кренеш уште повисоко.

7. Кои се Вашите идоли во спортот? Во македонски и светски рамки.

Никогаш немав идоли, за мене тоа е неприфатливо, не е убаво да имаш идоли, но имаше доста луѓе кои ми биле интересни со својот начин на игра, кои ми биле симпатични во спортот.

8. Вие сте предизвик и пример за многу млади ракометарки и спортистки. Која е најважната лекција од ракометот која би сакале да ја пренесете?

Би сакала да кажам никогаш да не очајуваат и многу, многу да работат. Доколку нешто не успева во моментот, да знаат дека сето тоа може да се постигне ама треба многу работа.

9. Дали спортот нè прави подобри луѓе?

Да, сметам дека ги прави луѓето подобри затоа што го гради карактерот - човекот станува посилен, покомуникативен, подобар... Со спортот наоѓаш нови пријатели и се градиш како личност.

10. Дали се остваруваат соништата преку спортот?

Да, секако се остваруваат соништата во спортот. И не само во спортот, тое е дефинитивно.

11. Кои се Вашите идни спортски планови?

Јас планирам да играм уште пет години, но се разбира, тоа најмногу зависи од моето здравје. Сакам да ја освојам Лигата на шампиони заедно со „Вардар", планирам да учествувам на Олимпијадата за три години, а понатаму ќе видам како ќе се чувствувам. 

Подготви Адријана Ананиева

29 Декември 2017

За авторот