Опули се со „Момата”

Прилеп и неговата околина отсекогаш пленеле со бескрајните камени форми и облици на распосланите гранитни „полиња”. Некаде скриена во пазувите на Селечка планина постои една карпа која во нејзиниот профил личи на убава девојка. Селаните ја крстиле Момата, а ние оваа година ќе ја имаме честа да се опулиме со неа.

На 14 јуни оваа година во организација на ЗАПС „Единак”, TREX и ПСД „Макпетрол” на падините на Селечка планина за првпат ќе се организира трката во планинско трчање Момата Рок Треил (Momata Rock Trail) во која учесниците ќе имаат можност да уживаат во планината и да ја посетат познатата карпа во околината. 

Трката ќе биде во должина од 17 километри и ќе има вкупно вертикално искачување на 1050 метри што претставува одлична можност за натпреварување на поискусните и поспремните, но и доволна за да се пробаат сите оние луѓе кои сакаат да започнат рекреативно да трчаат во планина и да уживаат во убавините на овој спорт. 

Стартот и целта на Момата Рок Треил ќе биде во манастирот Св. Димитрија во подножјето на Селечка Планина поточно на еден километар од селото Селце. На трката ќе има една контролна и освежителна точка која ќе се наоѓа на влезот на планинарскиот дом „Томе Темелкоски”. Попатно, кон целта на трката се наоѓа уште една чешма.

Сите натпреварувачи ќе добијат стартен пакет во кој ќе бидат обезбедени стартни броеви и дипломи.

Пријавувањето за трката може да го извршите на следиот ЛИНК

Котизацијата за трката ќе изнесува 100 денари, и истата може да се плати на лице место пред почетокот на трката.

Рокот на пријавување ќе биде до 7 Јуни 2015. После овој рок ќе биде дозволено пријавување на лице место, но организаторот не гарантира стартен пакет за тие што задоцниле со пријавувањето. 

Се пулиме пред Момата!

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија