Огњен и неговата прва велосипедска авантура

По некоја убава случајност за време на празникот Велигден во Скопје конечно (после дводневна борба со Вардарецот во гради) пристигна Огњен Јолџиќ, млад авантурист од Србија кој беше тргнат на неговата прва самостојна подолга вело-тура од Суботица до Истанбул и назад преку Скопје.

Ние како гладни за вакви авантури и подвизи го договоривме на лаф-муабет, пиво и вкусна кикиритка да ни раскаже нешто повеќе за неговото прво уникатно искуство.


Откри ни нешто за себе, студент на ДИФ, вљубеник во спортот и велосипедот…

Јас сум Јолџиќ Огњен и живеам во Нови Сад, градот каде што студирам во Србија, инаку по потекло сум од Суботица, градот од каде започна мојата велосипедска тура. Студирам факултет до физичка култура, каков вие викате ДИФ. Со спорт и конкретно со велосипедизам започнав да се бавам кога созреав и кога сватив што сакам во животот и за време на мојот престој во Америка приметив дека тоа е многу достапно на запад, многу од луѓето ги практикуваат овие работи т.е. не се толку затворени како на Балканот. Тамо се запознав со неколку Турци кои ми ја дадоа идејата за вело-тура до Истанбул.. Дополнително се бавам со нуркање (имам PADI лиценца за професонален гњурец), падобранство и велосипедизам. 

Дали често практикуваш вело-туринг и кој беше мотивот за ваква авантура? 

Ова ми е прв пат да направам нешто волку големо и од овој тип, сè организирав сам. Главен мотив ми беа големиот број на велосипедисти од странство кои ги гледав од автомобилот кога како мал патувавме со моите родители на море во Црна Гора. Низ кањонот на Морача можеа да се начекаат велосипедисти од Холандија, Шпанија, Германија и тоа ми се допадна и ми остана врежано во мојата глава, па кога во Америка се спријателив со Турците и ме поканија во Истамбул, размислував кој е најинтересниот начин да стасам до таму. Го избрав велосипедот. 

Кажи ни нешто повеќе за турата, како одеше маршутата, низ кој градови помина, некој интересни моменти…

Тргнав од Суботица на 12 март, патував 12 дена до Истанбул. Поминав низ Нови Сад, Панчево па Неготин во Србија, Видин, Лом, Сливен од таму во Едерне и Истанбул. Не стигнав директно во Истанбул, мојот другар ме собра во Едерне поради големината на градот и сообраќајот. Од таму на Ипсала, Кавала, Тасос, Солун, Дојран, Градско и Скопје и сега се упатувам повторно кон Суботица.

На пат се случија доста интересни работи, успеав да дадам прва помош на пијан Турчин кој изгуби свест, низ Грција беше прекрасно по плажите, а во Бугарија поради тоа што бев приморан од невремето да спијам во напуштена куќа која беше како од хорор филмовите. Надвор имаше лулашка која џкрипеше на ветрот, а дури утрото сфатив дека шаторот ми е поставен покрај мртва овца хахах.. А во Македонија од Валандово накај Демир Капија наидов на група бегалци од Истокот… 

Какво е чувството? Да се стигне од Суботица до Истанбул и еве до Скопје се велосипед. 

Најдобриот филинг беше стартот бидејќи ова беше моја прва тура и навистина не ми беше јасно на што се нафаќам. Искуството беше фантастично најмногу поради уникатноста на предизвикот, а кога ќе стигнеш до зацртаната цел чувството е неверојатно. Завршуваш нешто многу големо кое самиот си го испланирал и направил во животот и јас сум многу горд на тоа. 

Кои се твоите идни планови на полето на спортот и авантурата?

Оваа година планирам да одам на Алјаска и да го качам врвот МекКинли кој е највисок во Северна Америка, после сакам да се спуштам во Мајами и да одам на крузер Мајами – Бахами и да нуркам со ајкули хахах – озбилно ти кажувам – и во ноември сакам да одам на Килиманџаро. 

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија