ОДРЖАН СОСТАНОК НА КОМИСИЈАТА НА СПОРТИСТИ НА МОК

На 4/12/2014 година, во просториите на Македонскиот олимписки комитет (МОК) се одржа вториот состанок на Комисијата на спортисти при МОК, која ја сочинуваат: м-р Стојан Поповски (Триатлон)-претседател, Наташа Илиевска (Карате)-член, Наумче Мојсоски (Ракомет)-член, Антонио Ристевски (Алпско скијање)-член и Илир Плумб (Одбојка)-член.

Членовите на Комисијата дискутираа за состојбата во која се наоѓат македонските спортисти во своите матични спортски клубови и Национални спортски федерации и се бараше начин како да се превземат одредени мерки со кои гласот на спортистите ќе биде слушнат и ќе дојде на правото место и во право време.

Комисијата заклучи дека:

-треба да бидат поддржани сите спортисти кои во рамките на своите национални спортски федерации немат формирано Комисија на спортисти и да ја формират истата по примерот на Комисијата на спортисти на МОК во која сите членови на Комисијата се членови на Собранието на МОК, а претседателот на Комисијата е член на Управниот одбор на МОК;

-покрај интензивната комуникација со спортистите, потребен е зголемен обем на дополнителни активности на Комисијата на спортисти на МОК со најмладите од градинките, основните и средните училишта, како и со високо образовните институции во Република Македонија со цел подигнување на спортската свест и запознавање на младата популација со основните вредности на Олимпиското движење;

-во однос на заштита на правата и обврските на спортистите и спортските институции во Македонија, Комисијата на спортисти ја даде својата безрезервна поддршка на иницијативата на МОК и ИОК за неодложно формирање на Спортско арбитражен суд на МОК.