Недела на движењето во Македонија низ 21 општина

Под поткровителство на Интернационалната асоцијација за спорт и култура, Агенцијата за млади и спорт, и во организација на Федерацијата за рекреативен спорт од 21 до 27.09.2015 година, во повеќе градови и општини на територијата на Р. Македонија ќе се одржи Европската недела на движењето, под мотото – За долг и здрав живот.

 

Активности наменети за претшколска и школска возраст ќе бидат организирани низ речиси сите градови во Македонија во форма на традиционални игри и игри без граници, додека во Скопје во неколку домови за стари лица ќе бидат организирани теоретски предавања за бенифициите од активниот живот и часови по утринска гимнастика. На падините на Водно, ќе биде организиран и отворен ден за параглајдинг, каде учесниците можат одблиску да се запознаат со специфичностите на овој спорт.

Исто така, преку различни спортски активности ќе бидат вклучени и децата без родители, пензионерски друштва, лицата со посебни потреби и многу други. Целта на оваа иницијатива е да се следат Европските практики во промоција на физичката активност преку неделата на движење, и да се поттикне населението без разлика на возраста да се бави со рекреативен спорт и физички вежби кои ја зајакнуваат и подобруваат целокупната здравствена состојба.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија