Едрењето ми е во крвта – Интервју со Ердал Љушо

Спонтано, за време на 46-тиот балкански шампионат во едрење накратко поразговаравме со Ердал Љушо, наш успешен едриличар и репрезентативец кој со задоволство ни одговори на прашањата. 

К4Т Со оглед на тоа што едриличарството е малку популаризиран спорт во Р. Македонија, можеш ли да ни кажеш колку е распространет кај нас?

ЕРДАЛ Низ Македонија, активни едриличарски клубови има во градовите Струга и Охрид, а има и во Скопје клубови кои што се натпреваруваат надвор од државата, екипно.

К4Т Како ќе го опишеш своето патешествие на вода, кога започна и за кој клуб настапуваш?

ЕРДАЛ Пораснав со едрењето во кое ме воведе мојот татко. Тој ми ја пренесе љубовта кон едрењето бидејќи и самиот беше навлезен во овој спорт, па така решив да одам по неговите стапки. Официјално започнав да тренирам на шест години кога станав и член на Струшкиот едриличарски клуб ”Снегар”, во кој што сеуште членувам.

Снегар е најтрофеен клуб во Р. Македонија и од него се излезени нашите најуспешни едриличари. Наш тренер е Драган Ќелешоски, истовремено и селектор на репрезентацијата во Р. Македонија, за сите класи.

К4Т Сега се натпреваруваш во младинска категорија, но кажи ни во која едриличарска класа се настапуваш и кога за прв пат зема учество во натпревари за репрезентацијата на Македонија?

ЕРДАЛ Се натпреварувам во едриличарската класа Ласер Стандард. Инаку моментално имам 19 години, а од 8 години сум во репрезентацијата на Р. Македонија.

К4Т – Кои се твоите најголеми успеси досега?

ЕРДАЛ Имам доста успеси но би го издвоил прогласувањето како најдобар спортист во 2009 година во Струга, досега сум бил државен првак во сите дисциплини, а моментално сум државен првак во категориите Радиал и Стандард. Сум учествувал на неколку светски и државни првенства на кои сме постигнале солидни резултати. На пример, на Светското младинско првенство во 2012 година во Даблин, Ирска постигнавме успех со тоа што завршивме на 11то место.

К4Т Освен класичните тренинзи и натпревари, како изгледаат вашите подготовки, особено во зимскиот период?

ЕРДАЛ За време на припремите одиме во различни кампови, близу до вода се разбира, кои што обично се наоѓаат на брегот од Охридското езеро. Во зимскиот период, за активно тренирање најголем проблем претставува зимската опрема која не секое дете може да си ја дозволи. Со оваа опрема се овозможува целогодишен тренинг, без големи паузи.

Специфично за овој спорт e што има огромно влијание од временските услови (ветрот) и опремата (во зимскиот период). Досега, секој индивидуално си ја купувал зимската опрема бидејќи немаме спонзори кои што би можеле да го покријат тоа. Нам ни требаат повеќе пари за тренинг отколку за некоја регата. Треба да учествуваме на што повеќе тренинг кампови за да постигнеме подобар успех.

К4Т Каде се одржуваат овие тренинг кампови надвор од нашата држава?

ЕРДАЛ Во близина квалитетни тренинг кампови се одржуваат во Грција, Турција, потоа во Хрватска каде организираноста, сезоната за пловење и временските услови го дозволуваат тоа.

К4Т  Кој ти се плановите за во иднина и како планираш да ја продолжиш едриличарската страст?

ЕРДАЛ  Од оваа година ќе се посветам повеќе школувањето затоа што се запишав на Факултетот за физичка култура, а со тоа ќе имам нови обврски и помалку време за тренирање и натпревари.

Најголемата причина за овој потег беше фактот што кај нас, тешко е да се замисли иднината на еден едриличар професионалец кој што нема соодветни услови и треба да се самофинансира скоро во сите аспекти.

К4Т – Тоа би значело дека едрењето ќе го ставиш на втор план?

ЕРДАЛ Всушност и да и не. Мојот план е прво да го завршам факултетот, а потоа да се специјализирам за тренер во едриличарство за што треба да се бара школо надвор од нашата држава што значи повторно сакам да сум инволвиран во овој спорт бидејќи ми е во крвта и љубовта кон него не може тукутака да згасне.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија