Бојан, Мартин и Дарко на Piz Bernina 4049 m.a.s.l. via Biancograt

Некаде кон крајот на есента почнаа да се прават плановите за летото и за тоа кој врв на Алпите да се искачи. Јас и Мартин бевме на Mont Blanc, Дарко го искачи Grossglockner и некако погледите ни се насочија кон Ortler преку гребенот Hintergrat и Grossglockner преку гребенот Studlgrat. Одма почнавме со тренинзи: трчање, планинарење, качување, и така во круг. При една собиранка со наши пријатели кои што качија една насока на Gross, и кажување кој што планира летово ни го предложија Piz Bernina via Biancograt. Снежен гребен, си има технички делови, има добро искачување, не е комерцијален премногу и е Алпска Класика.

Piz Bernina 4049 m.a.s.l. via Biancograt

Технички информации:
Прво искачување: 12.08.1878 Paul Gussfeldt, Hans Grass, Johann Gross
Оценка: III+, AD+, 40˚ снег (мраз)
Должина: 25 km
Искачување: 2700 m
Спуштање: 1580 m

Како да одолееш на сите овие атрибути, утре дента гуглање истражување и одма промена на план, одиме на Hinter и Bianco. Првиов е 3905 m.a.s.l. таман за аклиматизација, и после да следи 4000-рката. Планот ревидиран, тренинзите се појачаа и се чекаше летото.

Со оглед на тоа дека сите тројца ја имаме таа среќа да бидеме флексибилни со зимањето на одмори, решивме да го пратиме времето и одма штом се отвори прозорец на почеток на jули да тргнуваме. Секако Марфи не би бил Марфи ако не се појави антициклон кон средина на jуни и циклон на крај на jуни. Секој ден гледање прогноза, пратење на сите портали и конечно се појави едно прозорче, викаше понеделник (03.07), вторник, среда одлично време, четврток и петок не толку добро но би можело да се качува. Последни консултации со метереолози, другари планинари, и во петокот (30.06) падна одлука, тргнуваме во недела рано сабајле (04:00) накај Италија (Mazzo di Valtellina) преспиваме во смештај и качуваме. Саботата спремање опремата, купување ситници за по пат и легнување.

Будење во 03:00, во 04:00 на бензиска да се наполни бензин и тргнати. Не чека пат од 1550 km. Возење од вкупно 17 саати, со кратки пауза за кафе, гориво и смена на возачка позиција, и некаде накај 21:00 пристигнуваме во смештајот. Права италјанска идила, опркужено со планини, лозја и нормално тишина. Се сместивме (домакините беа најјаки), одма на Wi – Fi, прогнозата стои непроменета, иаме прозор од 3 дена. Пишуваме mail до домот Tschierva за резервација, бањање, средување опрема и директ во кревет. Утредента будење во 06:00, тргување во 07:00 и возење по Bernina Pass едно саат време. Како возиш така се отвараат пејсажи, врвови од сите страни, овој е Bernina, оној е Bernina и како се доближуваме до крајната точка така и возбудата расте. После еден час, конечно стигнуваме до местото Diavolezza.

Искачувањето на Bianco почнува од градот Pontresina во Швајцарија а завршува во Diavolezza исто така во Швајцарија. По кратко истражување заклучивме дека најпаметно ни е колата да си ја оставиме на паркингот на железничката станицата во Diavolezza бидејќи истиот не се наплаќа и што е поважно се симнуваме директно кај колата. Од паркингот постои опција да се фати воз (го има на скоро секој саат) или автобус. Со оглед на тоа дека прв дојде автобусот, се качивме и истиот не однесе до почетната точка.

Кога ќе се симнете од автобусот има пешачење 10-тина минути низ градот, во насока кон железничката станица и се згогледува еден парк од каде и официјално започнува пешачењето. Доколку одите со воз, има патека директно од железничката станица до домот и таа води на десната страна од реката, што е поизложена на сонце.

Мала корекција на облеката што ја носевме, и во 10:00 почнавме да се движиме од Pontresina 1772 m.a.s.l. кон Tschierva Hutte 2573 m.a.s.l. Патеката е одлично маркирана и во првата половина се движи низ прекрасна шума која што штити од топлото сонце. На целата патека има поставено клупи за одмор, и ќе забележите многу луѓе кои ја користат за рекреација (трчање, MTB, пешачење). После 2 часа пешачење се стигнува до Hotel Roseg, место каде што може да се купи вода и храна. Од Хотелот започнува малце пострмен терен (до Хотелот се движите по речиси рамен терен) и за 2 часа (вкупно 4 часа) се стигнува до планинарскиот дом (12 km). Домот како што доликува на Швајцарија е поубав од многу наши хотели и има капацитет од околу 100 легла.

Поучени од предходни искуства, решивме да си уплатиме полупансион (вечера и доручек), со што ќе намалиме на тежина во ранците. Се пријавивме на рецепција, се распрашавме за временската прогноза (it’s almost perfect), состојбата на рутата, дали некој се качил, дали некој ќе се качи (одејќи кон домот речиси и да не сретнавме планинари со опрема која треба да се носи на Bianco па имаше момент во кој си помисливме дека сами ќе бидеме на рутата) и слични информации. Откако добивме потврдни одговори за се што требаше, почнавме да се релаксираме малце и да уживаме во пејсажите.

Дојде време за вечера и на маса седевме ние тројца и двајца дечки од Јужен Тирол кои исто така ќе одат по Bianco. Низ мубет дознавме дека единствената наврска што тргнала дента стигнале до Piz Bianco и се вратиле назад бидејќи имало премногу снег. Вести што не сакавме да ги слушнеме, но сепак во домот имаше околу 20-тина луѓе (меѓу кои и водичи (читај: Машини) со клиенти) што секако ни даде некаква сигурност дека се ќе помиене во најдобар ред. Вечерата заврши, си ги наполнивме шишенцата со топол чај и директ во кревет.

Следниот ден почнува вистинското искачување, будење во 3 часот, доручек, последни припреми на опремата и во 04:00 тргнување накај врв. Од домот патеката е делумно маркирана и директно почнува со искачување. Тука на некои делови има поставено Ферата и синџири кои се од голема помош и за ориентација. Исто така до 3000 m.a.s.l. на клучните места има поставено и рефлектирачки светла кои помагаат за пронаоѓање на патеката. Од 3000 m.a.s.l. прекинуваат било какви обележувања на патеката и може да има мали потешкотии во ориенатацијата, но сепак на крајот секогаш се проноаѓа вистинскиот пат. Од 3200 m.a.s.l. започнува искачувањето по глечерот (околу 40 степени стрмнина), кој што е на западна страна и рано наутро не го грее сонце а со тоа и снегот е во добра состојба за качување. Кон крајот на стрмнината се врти во лево и се излегува на седлото од каде што започнува Biancograt (гребенот се движи во јужен правец). Првиот дел од гребенот е карпест и претставува убаво загревање за она што следи. Тука има поставено бушени клинови и бидејќи снегот беше сеуште тврд ние движевме во паралелна наврска со што добивме на време. Карпестиот дел завршува на 3500 m.a.s.l. и веќе од тука се движите по снежен гребен, каде има една карпа која се траверсира од Источна страна, и од таму веќе се излегува на гребенот и истиот се прати се додека не стигнате на Piz Bianco 3950 m.a.s.l.Од Piz Bianco запонува еден траверс кој е убаво експониран и со оглед на тоа дека имаше доста снег a беше премногу топло (на 3500 m.a.s.l. ние бевме во base layer и ни беше топло), истиот бараше доста внимание при поминувањето.

После траверсот има бушени клинови за 2 абзели (овој дел може да се спушти доколку се има потребната психа ), повторно се качува на една карпеста кула, каде што има едно зезнато скокче (за жал немаме слика од тука) и после ова има сидриште за краток абзел (10 тина метра кој мора да се направи) од каде што заапочнува финалното качување на врвот. Овој дел, доколку условите се добри, се поминува без никакви потешкотии. На врвот се пристига после 6 до 9 часа планинарење од домот. На самиот врв нема многу место за седење (за жал) па така после кратка пауза за вода, храна и сликање се тргнува во првец Југ – Југоисток и се прати гребенот. Тука се потребни 2 абзели (доколку имате пократко јаже од 30 метри ќе ви требаат 4 абзели) се спуштата на 3900 m.a.s.l. од каде што се разврзувате и одите до домот Marco e Rosa кој е на 3600 m.a.s.l.

Бидејќи предхониот ден ги замоливме домакините од Tschierva Hutte да не најват во Marco e Rossa, ја оставивме опремата на сушење, ги качивме ранците во собата, пративме пораки дека се е во ред и дека сме во домот и седнавме да се релаксираме. Повторно имавме вечера и доручек па не размислувавме што да јадеме, него само кога ќе стигне јадењето ☺. Тука се видовме со речиси истите луѓе кои беа во предходниот дом, како и со нови водичи и клиенти кои ја искачуваат Bernina преку класичната рута. Во неврзани муабети се запознавме со водич кој што бушел насоки во Демир Капија, клиент кој што возел точак низ Македонија и двајца Австријци кои што си запишаа дека во Септември 2018 ќе дојдат во нашава држава на одмор. Ситници на кои ние не сме навикнати ама сепак ни дојдоа убаво ☺.

Наредниот ден од домот треба да стигне до жичарата Diavolezza. Се движите источно по глечер до местото Bellavista, од каде што се траверсира до Fortezza. Тука се потребни 4 абзели и се спуштате на глечерот, кој што треба да се помине преку северната граница. На крајот од глечерот се пронаоѓа патеката која води до жичарата (тука треба да се внимава на ориентацијата бидејќи се изгледа исто и лесно може да се промаши патеката па да се качува по еден сипар што и не е баш пријатно за 3 ден пешачење). Кога ќе стигнете до жичарата има одлична платформа за сликање, и се спуштате надоле. Постои опција (за која ние дознавме многу касно), спуштањето до жичарата да биде преку Piz Palu врв кој е на 2,5 часа од домот Marco и спуштањето од него било многу полесно отколку спуштањето преку класичната рута (нема потреба од абзали). Со оглед на тоа дека ние немавме никаква информација за оваа опција, се решивме да се спуштаме преку класичната рута, но за сите што би оделе на Bianco убаво е да се испланира спуштањето до Diavolezzo преку Piz Palu.

Стигнавме до кола, се пресоблековме и исполнети тргнавме накај Милано за да се одмориме и да ја видиме прогнозата за наредните денови. Сепак (како што имаше и најави од Скопје) прогнозата за искачување на втор врв не беше поволна. Имаше врнето снег, и најавуваа нов во текот на целата недела. Сeтоа тоа значеше дека од нашиот план ќе се исполни само Piz Bernina а Ortler и Hintergraat ќе почекаат подобри услови.

АВТОР – БОЈАН ПАВЛОВ

КОРИСНИ ЛИНКОВИ:

https://www.alpenvereinaktiv.com/de/tour/piz-bernina-4049m-ueber-biancograt/11637047/#dmdtab=oax-tab2

http://www.summitpost.org/piz-bernina/150264

http://www.tschierva.ch/Home/

Marco e Rosa

https://www.corvatsch.ch/en/current-news/weather/

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија