Аман Игор, дај го видеото од Јал(стердам)

Во овој стил звучеше неколкумесечното “тормозење” од страна на моите фини другарчиња во врска со видеото од ланската летна авантура што се случи на едно магично место на Јадранот. Никој не им замерува, другарите и ваквите моменти вредни живот се тука да ти ги наполнат едрата со инспирација за да направиш вакво нешто! Еве другари, а и за сите љубители на саглам скоцкана летна камп сеанса! 

Се случи многу спонтано, реактивирана беше една навидум подзаборавена Фб група составена од мал број  на пријатни и фини млади луѓе кои ја основаа поради олеснетото комуницирање и договарање за претходната летна авантура во 2012-тата година која се случи на истото место.

Групата носеше, и сè уште носи лого на едно мало камп шаторче, со знаменце забодено до него, а именувана е како “Јужни вибрации”, носејќи го името на еден скоро неуспешен реге фестивал кој се случи таа 2012-та кога на “островот” отидовме екипа со поголеми димензии, но без есенцијалната техника за снимање на самите вибрации. Сепак, таа година поминавме исклучително добро, па затоа, се потегна муабет и за ланската, 2013та. 

Тројца од нас (јас, Тина и Нено) бевме во екипата која што го посети Јал, Албанија (не е ова во Бразил), магичното недоразвиено село кое го има најдобриот камп на албанската ривиера, Јал Кампинг, а кое е толку диво и отсечено од цивилизацијата што го прави перфектен избор за одмарање душа. 

Знаејќи ги сите позитивни страни на локацијата за луѓе отворени према авантури како нас, насанкавме уште три души, Анастазија, Сандра и Зочо и горе-долу се формираше една рандом шестчлена екипа лични деца и карактери кои беа перфектно избалансирани. 

Да не должиме многу, поминавме 13 перфектни ноќи кампување, од кои две надвор од кампот, поминавме една огромна поплава во Валона на одење, пожар на еден од јалските ридишта, гледавме еден метеорски дожд на плажа, преживеавме олуја каква што само на море може да те снајде, згора на тоа се наоѓавме на најубавата плажа во регионот, Џипе, безгрижно се капевме во кристалниот Јадран, спортавме бадминтоУН, пинг-понг, одбојка, снорклавме, скокавме од карпа во слободен стил и несинхронизирано и пиевме многу пиво. 

Ги запознавме Висаре и Кеко од Косово како и Стиви од Фиер, се дружевме со нашиот Љупа, а патем ја откривме дивата, убавата и грдата, но сепак природна страна на Албанија, го исчистивме сето ѓубре од плажата Аквариум и направивме тенда од гранки за заштита од сонцето. Повремено кркавме добра пица по италијански рецепт во околните ресторанчиња.

На крајот, едно големо пријателство и лето за паметење остана во нас!

english