Значењето на максималната брзина во колективните спортови

Знаејќи го фактот дека во повеќе од 70% од спортовите доминираат анаеробните способности, можеме да заклучиме дека брзината претставува една од најважните и најмногу тренираните моторни способности глобално во спортот.

Брзината е составена од три фази:
1. акцелерација,
2. максимална брзина и
3. нејзино одржување и деакцелерација (опаѓање) на максималната брзина.

Посебно интересна за анализирање е фазата на максимална брзина, која игра важна улога како во атлетиските дисциплини така и во колективните спортови.

Атлетските тренери и тренерите од колективните спортови мораат да ја детерминираат важноста на максималната брзина во одредениот спорт, дисциплината или задолженијата на играчот во играта. Доколку ги анализираме врвните спринтери на 100 метри можеме да забележиме дека максималната брзина ја постигнуваат после 50-60 метри од стартот на трката.

Доколку размислуваме во овој правец можеме да заклучиме дека максималната брзина е речиси безначајна во тимските спортови. Но постојат неколку фактори со кои може да се побие ова размислување.

Фактор 1. Спортистите во тимските спортови не ги поседуваат истите физички способности и истата моторика на движење како и врвните спринтери. Врвните спринтери од биомеханички аспект гледано, движењата ги изведуваат со многу поголема амплитуда, што придонесува забрзувањето да е побавно, но атлетичарот преку 80% од трката да ја трча со брзина над 90% од максималната брзина. Додека спортистите од тимските спортови движењата ги изведуваат со помала амплитуда, но побрза фреквенција на движење и поради овие причини ја постигнуваат максималната брзина порано, после истрчани 30-45 метри.

Фактор 2. Важен фактор претставува и тоа што стартот не е од „мртва точка”, туку многу често во екипните спортови се започува со забрзување, додека играчот е во движење.

Фактор 3. Спортистите со поголема максимална брзина имаат тенденција да поседуваат и поголема стапка на промена на брзината, односно располагаат со подобра акцелерација.

Фактор 4. Како најважен фактор можеме да го посочиме важноста на максималната брзина во брзинската издржливост за време на натпреварите. Можеби во еден натпревар спортистот ни во еден момент нема да ја постигне својата максимална брзина, но долку поседува поголема максимална брзина, со многу помалку напор ќе ги постигнува целите.

Можеме да земеме пример од фудбалот: Доколку некој фудбалер поседува максимална брзина од 9 m/s и за време од едно полувреме треба да направи од 8-10 спринтови со таа брзина тоа за него ќе претставува поприлично голем напор. Но од друга страна доколку поседува максимална брзина од 10m/s тој ќе ги изведува тие спринтови со 90% од неговата максимална брзина.