Пливање од поинаков агол со Наташа Мешковска

Мало видео претставување на мојата животна пасија и краток начин за запознавање со некои негови тренинг основи.

Пливањето е спорт кој се одвива во специфична средина. Постојат четири пливачки техники: краул, грбно, градно и пеперутка (делфин). Ова е базичен спорт и секој човек треба да го применува.

Toa е единствен спорт во кој е активна комплетната мускулатура на телото, а притоа нема оптеретување на ‘рбетниот столб, бидејќи се совладува отпор на вода и телото е во хоризонтална положба.

Кога ќе ја совладате обуката на техниките, тогаш веќе може да влзете во фаза на напредно пливање. Тоа значи дека може да почнете со аеробни тренинзи, со низок пулс, кои може да бидат во времетраење од 45 до 90 минути, во зависност од кондициската спремност и во нив да бидат вклучени сите четири техники.

Исто така, може да применувате анаеробни тренинзи, со висок пулс (до 180), во кои
вклучувате пливање на режим, односно време. Во овие тренинзи важен е интензитетот, како и паузата помеѓу делниците.

И секако, пожелно е во тренингот да вклучите нуркање под вода за развивање на поголем капацитет на плуќата и сите органи за дишење.

За пливањето постојат и разни помагала кои може да ги користите за време на тренинзите, како на пример пловка која ја држите во раце и правите движења само со нозе, или пак чун, со кој ги фиксирате нозете и правите движења само со раце (завеслаи).

Исто така, се користат и лопатки за рацете со кои се постигнува максимална должина на завеслајот бидејќи со нив се влече поголема површина на вода и се плива побрзо. На нозете се користат пераи кои најчесто се вметнуваат на крајот од тренингот за да се почувствува брзото темпо, но и за да се издржат подолгите тренинзи.

Додека пливате Вашето тело треба да биде опуштено, релаксирано, а сепак, постојано активно. Движете се низ водата како таа да ви е природна средина и „водите љубов„ со неа.

Пливајте и уживајте!