Наслов

Македонија на Специјалнa Олимпијада во САД

Специјална Олимпијада Македонија е посветена на потикнување и зајакнување на лицата со посебни потреби да станат физички подготвени, продуктивни и почитувани членови на општеството преку спорт и спортски активности.

Фото. Томи Георгиев

Организацијата обезбедува целогодишни спортски тренинзи и натпревари на 4,4 милиони атлети од 170 земји. Исто така, преку својата програма нуди иницијативи во здравствените, едукативните и јавните сфери кои промовираат социјална инклузија на лицата со посебни потреби.

Во 2015, од 25 Јули до 2 Август, Лос Анџелес ќе пречека повеќе од 7,000 Атлети на Специјална Олимпијада, вклучувајќи ја и делегацијата на Специјална Олимпијада Македонија. Овие игри, едни од најголемите спортски и хуманитарни настани на годината, претставуваат светска сцена на која нашите атлети на терен ќе ја демонстрираат храброста, одлучноста и спортскиот дух.

Овој настан кој нуди 25 Олимписки спортови, ќе привлече 30,000 волонтери и очекувана 50,000 публика. Самите игри претставуваат голем финансиски предизвик за секоја од екипите. Македонската делегација е составена од 18 Атлети кои ќе се натпреваруваат во 4 спорта (Пливање, Пинг понг, Атлетика и Јунифајд Кошарка), 5 тренери и 3 делегати (вкупно 26). 

Доколку сте во можност, оваа недела на 7 јуни во голем број на скопски кафулиња ќе се одржи доброволно собирање на средства за поддршка на атлетите од македонската Специјална Олимпијада, помош која ќе биде добредојдена за олеснување на нивните и онака големи трошоци за настап на оваа Олимпијада.

Бидете дел, бидејќи сите ние на некој начин сме Специјални!

06 Јуни 2015

За авторот