Магијата на Параолимписките Игри

Без разлика дали гледате биатлон каде што се натпреваруваат и слепи лица, или сте во жарот на спуштањето на падината во алпско скијање на некој што е парализиран од половината па надолу, параолимпијадата е нешто за симнување на капа, во вистинска смисла на зборот.

Параолимписките Игри се интернационален настан кој е составен од повеќе спортови каде се натпреваруваат атлети со различни физички или интелектуални пречки, ампутации, слепило, церебрална парализа или нарушувања во движењето. Од 1988 година па наваму, Параолимпијадата се одржува веднаш по Олимпијадата. 

Оваа година, Игрите се одржуваат во Сочи, Русија и започнаа на 7ми март, а ќе траат до 16ти март каде на програмата се наоѓаат пет дисциплини: алпско скијање, хокеј на санка, карлинг во количка, биатлон и крос-кантри скијање. 

Еве мало разоткривање на секоја од овие дисциплини, различноста во одредените елементи, правила и технологии кои се користат за да се овозможат исто толку интересните натпревари колку и оние водени од своите олимписки колеги. 

Алпско скијање

Во оваа дисциплина се натпреваруваат мажи и жени кои имаат повреди на `рбетниот столб, церебрална парализа или ампутации. Без разлика на тоа, тие се натпреваруваат во слалом, веле слалом и супер G и развиваат прилично големи брзини на падините од околу 90 до 100 км/ч што е многу близу до колегите од Олимпијадите. 

Во седечката категорија скијачите користат моно-скии, односно една стандардна скија врз која е прикачено столче поврзано со голем амортизер кој што овозможува апсорбирање на вибрациите. Всушност, столчето во овој случај делува како една голема ски „кондура“ преку која се пренесуваат движењата од телто. Стапчињата се куси (бидејќи и натпреварувачот е поблиску до земјата) и на крајот имаат прикачено мали скии. Тие во глобала се за да се спречат странични падови. 

Хокеј на санка

Овде учествуваат мажи и жени кои имаат пречки во движењето на нивните долни екстремитети, но хокејот и понатаму си е задржан како фул контакт спорт. Играчите седат во санки кои се прикачени на нивното тело и користат две мали палки кои ги користат за буткање на мразот и шутирање на пакот. 

Спортот е измислен уште во раните 1960ти години во рехабилитационен центар во Шведска каде пациентите посакале да продолжат со играњето на хокеј и покрај нивните физички пречки. 

Карлинг во количка 

Оваа дисциплина е отворена исто така за атлети кои имаат пречки во долните екстремитети и за прв пат беше играна на Параолимпијадата во Торино 2006 година. Играчите ги пуштаат истите камења како и во Олимпијадата, но тука ги нема „чистачите“ на мразот. Камењата може да се пуштаат или со рака или со специјални стапови. 

Биатлон

Стандардно, комбинација од крос-кантри и пукање, но тука може да учествуваат атлети со физички и визуелни пречки. Нешто интересно и различно е начинот на кој пукаат слепите натпреварувачи.

Тие се водени од звучни сигнали кои варираат според интензитет како што натпреварувачот нишани кон целта (на видеото можете да ги видите и слушнете околу 2 мин. и 30 сек.)

Крос-кантри скијање

И оваа дисциплина како и биатлонот ги поддржува натпреварувачите со исти пречки, а некои атлети користат и моно-скии. Дистанците варираат од 2,5 до 20 километри.


Во продолжение следат неколку инспиративни фотографии од овие спортови

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија