Наслов

Како до првата стотка на велосипед?

Ок, временските услови се совршени за возење велосипед. Станувате навлечени на овој спорт, сè повеќе ве интересираат подолгите тури и размислувате за првата 100ка. Дали знаете што се треба да направите или ви е неопходно за еден таков подвиг?

Без разлика на тоа дали сте почетник или пак имате поголемо искуство во возење на велосипедски тури, сто километри со велосипед не се нешто што е претерано тешко или пак не остварливо. Односно, до првата стотка можете да дојдете и без посериозни тренинзи, опрема или подготовка, но, доколку сакате целото искуство да биде попријатно и вредно за паметење, би требало да се придржувате до некои основни правила кои ќе ве доведат до тоа.

Задолжителна опрема и проверка на опремата

Пред и да помислите да тргнете на подолга тура, велосипедот однесете го на сервис или пак самите потрудете се да го доведете во добра форма. Секој дел од велосипедот мора да биде во совршена функција како би избегнале непредвидени ситуации како што се: скинати сајли, паднат ланец, лошо сетирани менувачи, дотраени гуми и.т.н.

Што се однесува до опремата, апсолутниот минимум кои би требало да го поседувате се хеланки со заштитен дел на задникот и се разбира кацига. Се останато е нешто кое што би било добро да го имате но не е неопходно (се разбира во корелација со временските услови). Хеланките ќе ве заштитат од прекумерно триење и вкочанетост, а кацигата понекогаш може да значи и живот доколку дојде до некој посериозен пад.

Друго што би требало да го имате со себе е рачен алат кои би ви помогнал за некои помали поправки, пумпа и се разбира резервни гуми. Планирањето на турата би требало да е процес кој бил детално анализиран, сепак потрудете се за секој случај да имате и некаков ГПС уред.

Исхрана и хидратација

Ако сте почетник, лесно е да ја потцените количината на храна која ви е потребна за едно возење од 100км. Затоа би било добро да стартувате со пристоен доручек, а со вас понесете и банани, енегргетски гел (или пак суво овошје), вода и изотоник. Можеби на прв поглед ова изгледа како преголема количина на храна, но би требало да знаете дека најчестата причина поради која луѓето се откажуваат од ваквите тури не е нивното фитнес ниво туку недостатокот од енергија (храна).

Тренинг

Велосипедската стотка е нешто што би требало да биде забава или пак авантура. Сепак, не заборавајте дека без оглед на сè ќе ви биде потребен тренинг план кои постепено ќе се зголемува. Вообичаено време за подготовка за ваква тура би било од 8 до 12 недели. Стартувајте со 3-4 возења неделно кои ќе траат барем еден час а едно од нив ќе биде на подолга дистанца или време.

Постепено зголемувајте ја дистанцата за да избегнете евентуални повреди. Нека вашите тренинзи барем во најмала рака имаат слични каракатеристики со турата која ќе ја возите. Ако турата има качувања, барем еден од тренинзите нека се состаи од качување на некоја планина.

Не заборавајте да уживате во целиот процес и да создавате сеќавања кои ќе траат.

06 Април 2017

За авторот