Наслов

Интервју со првиот македонски црн појас во Бразилска Џиу Џица

Разговор со Роберт Наумоски, поим за боречките вештини во Австралија, неговата родна земја, но и во Македонија, државата од која потекнува и каде токму тој преку неговиот клуб Roots Brazilian Jiu Jitsu и нашиот Алексовски Ивица ја има донесено Бразилската Џиу Џица тука. Првиот носител на црн БЏЏ појас во светски рамки за Македонија е тука овој месец каде работи на ширењето и усовршувањето на овој спорт, па немаше никаков проблем да поразговара со нас на оваа тема. 

Колку долго се занимаваш со боречките вештини, од кога практикуваш Бразилска Џиу Џица и кога успеа да станеш првиот македонски црн појас во светски рамки?

Со боречките вештини почнав да се занимавам од дете, од 12 годишна возраст, а со Бразилската џиу џица почнав на 23 години. Тоа значи дека БЏЏ тренирам некаде 17 години, а црниот појас го освоив пред три години, а целиот ми беа потребни 12 години додека да го постигнам тоа.

Кажи ни нешто повеќе за тоа како токму ти стана првиот македонски црн појас во БЏЏ во свет?

Јас бев ученик на Пауло Гимараеш кој дојде од Бразил да предава БЏЏ во Австралија. Тој беше првиот црн појас во Австралија. Преку него јас се стекнав со знаењето во оваа боречка вештина и се здобив со сите појаси кои претходат на црниот. Црниот пак појас го добив од неговиот тренер Жорж Переира. Инаку појасите одат бел, син, виолетов, кафен и црн, а мене лично ми требаа 12-13 години да го достигнам црниот, не знам на другите.

Кои се твоите други достигнувања на полето на боречките вештини?

Пред тоа вежбав нинџицу каде исто така имам црн појас од 1994 година, тренирам бокс скоро 14 години, кик бокс скоро 10, и борење некои 5-6 години. Така што сум доста навлезен во светот на боречките вештини.

Како започна вашата приказна со БЏЏ во Австралија и како сето тоа се префрли овде во Македонија.

Ние сме дел од Roots Brazilian Jiu Jitsu, имаме професионален клуб во Сиднеј во кој има голема посетеност, а 30% од учениците се Македонци. Преку тој клуб, и преку моите ученици стапивме во контакт со Ивица Алексовски со кој го донесовме БЏЏ-от во Македонија. Го отворивме клубот The Strongest – Macedonia и успеавме да го прошириме во доста делови од земјата.

Како го гледаш македонскиот потенцијал во БЏЏ?

Македонија се покажа со делата. Репрезентацијата беше прва и освои доста медали на турнирот во Бугарија, во Србија, во Загреб, во Белград и Ниш и тоа за многу кратко време откако е донесен спортот тука, околу 3 години. Инаку како што јас гледам, сините, белите и виолетовите појаси од Македонија имаат одличен квалитет, а техниките на работа кои јас им ги пренесувам се изучуваат од страна на учениците како јас да сум присутен во државава цела година.

Овој месец си во Македонија да бидеш присутен на семинарите и да го следиш нашиот напредок во државата. Кажи ни во што се состои твојата посета и кои се твоите очекувања.

Секоја година доаѓам овде по еден месец или два, бидејќи сум главен тренер и одговорен за оваа боречка вештина тука. Со останатите ученици носиме материјали во врска со темата кои ги споделуваме, одржуваме семинари на кои учениците може да се запознаат со разни елементи и новини, а башка и остваруваме контакт со сите заинтересирани за БЏЏ, ММА, улична одбрана итн. Сакаме Македонија да ја изучува Бразиската џиу џица на правилен начин.

Во последно време БЏЏ е многу популарна во светски рамки, зoшто?

Благодарение на основачите на БЏЏ, големата фамилија Греси и денешните борби во мешани боречки вештини (ММА) денес БЏЏ има голем респект во светот на боречките вештини. Не може да се замисли да се бориш во ММА доколку немаш барем син појас во БЏЏ. Можам да гарантирам за нашите клубови Д Стонгест и РУТС БЏЏ дека располагаат со големо знаење и благодарение на Алексовски Ивица оваа вештина има убава иднина во Македонија.

На кого ја препорачуваш оваа вештина и кои се придобивките на човековото здравје.

Бразилската џиу џица има цел систем на техники на борба и вештината е направена специфично помал и послаб човек да се одбрани од некој поголем и посилен. Имаме техники за улична самоодбрана која е добра за девојките, тренираме делови од ММА и елементи кои мора да се знаат за да се бориш во мешани боречки вештини.

БЏЏ се работи со и без кимоно, но многу е важно добро да се совлада вештината со кимоно бидејќи така ученикот има повеќе осет и развива подбра вештина.

Од аспект на човековото здравје, како и секој друг спорт, БЏЏ-от е одличен за телото, брзо може да се постигне намалување на килажата кај оној што практикува, телото одлично се развива, особено торзото и мускулите од трупот, а за 3 до 6 месеци човекот веќе се чувствува во одлична форма.

29 Ноември 2013

За авторот