Ана и патешествието Њујорк Сити Маратон

Преку отворен разговор со Ана Чижбаноска дознавме нешто повеќе за нејзината желба и љубов кон трчањето, посветеноста и упорноста за да се најде на тлото на Њујорк и да го разгледа секое негово маало како особено привилегиран турист. И уште се потврдува дека кога нешто доволно силно се посакува, но и се работи на тоа поле, среќниот крај да се трча на најмасовниот маратон во светот е неизбежен.

К4Т – Ана, од каде ти се роди идејата да трчаш на Њујорк Сити маратонот?

Минатата година истрчав три полумаратони… Првиот беше Шри Чимној, а воедно и државно првенствно на Македонија каде освоив и трето место, вториот беше Скопски маратон, а третиот беше во Брисел. И додека бев во таа тркачка приказна случајно на телевизија ја фатив рекламата за Њујорк Сити Маратон кој ќе се одржи на 1-ви ноември. И изгледаше толку магично што си посакав дека ако некогаш трчам маратон, тогаш сакам да биде токму тој во Њујорк! 


К4Т – Познато е дека пријавувањето за овој маратон воопшто не е едноставно, односно има неколку индиректни можности за да се стигне на стартот… кажи ни нешто за твоето патешествие во однос на пријавувањето?

За да трчате на овој маратон не е доволно само на време да се уплати котизација (која за странци изнесува $347) туку треба или да ве извлечат на лотарија или да се приклучите во некоја добротворна организација и да покренете минимум фонд за да добиете зелено светло за учество.

А моето патешествие со пријавувањето почна кога аплицирав на главната лотарија каде се пријавуваат многу луѓе и конкуренцијата е огромна. Ако ме извлечеа ќе добиев код со кој можам да се пријавам и да платам котизација за маратонот. Но тоа не се случи, па се обидов со Скопски маратон каде имаше уште една лотарија и се извлекуваа двајца учесници што ќе добијат можност да трчаат на Њујоркшкиот маратон. Но и тоа не се случи, а мојата мотивација не спласнуваше.

Тука ми преостана само последната опција… да склучам договор и се приклучам кон некоја од понудените добротворни организации. Минималната сума што треба да се собере за било која од овие организации е 3500$ што одат во добротворни цели, а со тоа се добива нова шанса за учество на маратонот. Но за да биде уште поинтересно, не е толку едноставно да се влезе ни во добротворна организација. Јас имав среќа што еден другар има тетка што знае луѓе што работат во организацијата “Every Mother Counts”, па стапија во контакт со нив да прашаат дали сеуште е отворено пријавувањето за добротворна акција за Њујорк Сити маратон, а од таму одговорија потврдно. Така јас се приклучив кон оваа добротворна организација иако не верував дека ќе го соберам минимумот, а доколку тоа не се случи во договорот стои дека треба да имаш спонзор што ќе ги покрие тие средства. Другарот повторно се пријави, бидејќи знаеше колку многу ми значи учеството на маратонот, но сега сакам да му помогнам и да ги соберам тие 3500$ затоа што сепак јас ќе трчам на маратонот.


К4Т – Уште 57 дена те делат од маратонот… Како оди до сега? И кажи ни уште нешто за добротворната организација “Every Mother Counts”? А ова е супер можност и апел до нашите читатели да се приклучат и да донираат колку можат за повеќе добри дела. 

Вака мотивацијата е дуплирана, се предизвикувам да истрчам маратон и да соберам средства за добри цели, а добро е што самите организатори на маратонот стимулираат ваков вид на пријавување.

Задоволни сме од одзивот до сега, бидејќи јас имам собрано 1552$, а другарчето скоро 2000$ што значи дека може и да го надминеме минималниот износ, а тоа е одлично чувство. Инаку многу луѓе излегоа во пресрет да помогнат и донираа колку можат, од пријатели и роднини до колегите со кои што работам. 

Инаку “Every Mother Counts” е многу популарна организација во Њујорк, а се однесува на собирање средства за сите бремени жени од третиот свет каде што нема соодветни медицински установи и превоз за одржување на здрава бременост и пораѓај, бидејќи секоја мајка и жена во светот заслужува ист третман. 

Ако сакате да донирате преку мене ова е ЛИНКОТ.
 

К4Т – Какви се твоите физички подготовки за маратонот?

Трчам редовно на кеј уште одамна, а од 2010 година почнав да ја користам Nike+ програмата и го следам својот напредок. Во тоа време најдолги дистанци ми беа 10 до 12 километри. Со оглед на тоа што никогаш не сум истрчала дистанца од 42 километри, решив да ја следам Nike+ програмата за маратони која врз основа на предходно истрчани дистанци и времиња дава специјализирана програма што треба да ме подготви за маратонот. Еднаш неделно имам долга дистанца за трчање, а максималната што ќе ја истрчам пред маратонот е 35 километри. Моментално сум до 7-мата недела од тренингот и до сега добро ми оди, супер се чувствувам. 

Строго не се придржувам до програмата, односно трчам 3-4 пати неделно, а останатите денови одам кај Огнен во Фитнес Револуција каде ми дава специфичен тренинг за зацврстување на мускулатурата главно на нозете, но исто така на торзото и рацете. Огнен го крсти тренингот 5 со 5, каде правам 5 повторувања на 5 вежби со поголема тежина за зајакнување на мускулатурата, но самиот тренинг не е исцрпувачки. 


К4Т – Во однос на исхраната имаш некој посебен режим по кој се водиш? Бидејќи знаеме дека исхраната е 50% од спортскиот успех…

 Од сабајле не излегувам од дома без да јадам, а обично си правам шејк со разновидно овошје и супер храна како чиа и мака за да имам доволно енергија во текот на денот (со оглед на тоа што одам и на работа). Исто така, после секој тренинг конзумирам квалитетен оброк за брз опоравок на мускулите како спирулина, хлорела или протеин од грашок како одлични извори на растителени протеини. Некогаш јадам посолена храна, но гледам да го намалам внесот на сол за да не собирам течности во организмот што ми го отежнува трчањето. Пред трчање јадам банана со овесна каша, за време на трчањето често земам мед наместо гелови, а за надополнување на електролити консумирам кокосова вода, бидејќи повеќето изотоници ми прават тегоби во стомакот. Овие продукти ги набавувам од проверени продавници за органска и здрава храна како Биокулт


К4Т – Дали имаш поддршка од најблиските?

Реченицата на мајка ми беше „Ане ако си гладна застани си и касни си!”, но во секој случај ме поддржуваат.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија