Наслов

„Локомотивите“ се пуштени во погон и процесот е отпочнат - Интервју со Миле Јовановски

Додека се кршат „копјата" на Европското првенство во фудбал, и се надѕира епилогот, ние решивме да направиме дигресија и да ве однесеме на почетокот, каде секој оној спортист на кого му се восхитуваме на стадионите и малите екрани првпат се сретнал со магијата на движењата со своето тело, а тоа е часот по физичко. За таа цел го избравме Миле Јовановски професор по физичко воспитување во Ресен, човекот е парекселанс, а неговата промисла го потврдува тоа, педагог, другар, природољубец и одличен колега. 

К4Т- Ресен, првите контакти со спортот, студиите и четирите години поминати на ФФК?

МИЛЕ -
Моите први контакти со спортот беа за време на основното образование во ОУ „Мите Богоевски“ во Ресен каде благодарение на ентузијазмот на наставникот по физичка култура Александар (Цане) Чоневски ние полека навлегувавме во тајните на спортот, најмногу гимнастика (во рамките на условите кои ни беа на располагање) но и останатите спортови како атлетика, ракомет и.т.н. Се сеќавам дека наставникот посветуваше исклучително внимание на спортската етика како и на хигиената на телесното вежбање. Во тој период една година бев дел и од пионерската школа за ракомет во рамките на РК „Јафа Промет“ од Ресен (денешен РК „Преспа“). Сите овие активности ме потикнаа да го продолжам моето образование во тој правец на Државното училиште за физичка култура „Методи Митевски Брицо“ во Скопје каде што продолжив да сум во непосреден контакт со спортот. За жал сметам дека во тој момент тоа училиште не одговараше соодветно програмски и организациски на потребите на идните спортисти и спортски педагози. Општообразовниот дел беше поприлично запоставен и голем дел од нас бевме на некој начин „скратени“ од тоа општо образование кое сметам дека е од исклучителна важност за понатамошно комплетно формирање на нашите личности. На ФФК се запишав во 2001 година и тоа што се случуваше наредните 4 години не се опишува со зборови. Другарувањето и студирањето на ФФК за разлика од останатите факултети е нешто повеќе од обично другарување. Долгото време поминато заедно, физичкиот контакт, честото делење на студентска соба или онаа во некој планинарски дом, придонесоа некои од тие пријателства да останат и до денес. Што се однесува до академскиот дел тука секогаш беа професорите Јован Јовановски, Ванчо Поп Петрески, Илија Клинчаров и други кои придонесуваа да разбереме дека нашата струка е многу повеќе од тоа што си мислевме до тогаш, пленувајќи нè со нивните предавања.   

К4Т- Како се чувствуваш во улогата на спортски педагог, човек што им дава основа на децата да ги запознаат потенцијалите на своето тело?

МИЛЕ - Прашањето Ви е одлично поставено. Еден од поголемите предизвици при работа со деца е да успееш во тоа да го разберат фактот дека граници не постојат кога се во прашање нивните потенцијали. Мојот пристап во работата е индивидуален и секогаш го вреднувам индивидуалниот напредок кај учениците. Кога во некое одделение ќе започнеме на пример со СГ прескоци (разношка), нешто што за прв пат го среќаваат во животот и секако на првиот час го гледам стравот, тремата, не ретко дури и грчеви, додека по три часа работа, без исклучок цело одделение успешно го прескокнува прескокот, изразот на задоволство на нивните лица, нивните молби за додатен час... тоа се работите кои претставуваат лајт мотив и најголема сатисфакција во мојата работа. Во текот на една учебна година по два пати спроведувам тестови за проценка на основни антропометриски карактеристики и психомоторни особини така што секое дете во секое време има увид за своите постигнувања. Интересен е моментот кога учениците се споредуваат со самите себеси (што претставува моја основна цел, да научат да се во постојана трка со самите себе, а трката со останатите да е второстепена) и кога самите извлекуваат заклучоци за своите подеми или евентуални падови. 

К4Т- Кажи ни нешто повеќе за некои дополнителни проекти, како го ширите спортскиот дух во Ресен и Преспанско и кои спортско-рекреативни настани би ги издвоил како интересни во тој регион? 

МИЛЕ - Иако на прв поглед Ресен изгледа како релативно мало и зафрлено место што се однесува до спортот и спортските активности сметам дека има солидна понуда. Традиционалниот ракомет и фудбал, џудо, разни турнири во мал фудбал и кошарка. Ние како училиште се трудиме да ги активираме учениците во што повеќе спортови да настапат во рамките на натпреварувањата на Федерацијата на  училишен спорт на Р.М. Така оваа и предходната година за прв пат имавме настап на ученици во шах, џудо и други спортови што не се традиционални кај нас или традицијата била прекината. Спортските секции си функционираат без прекин, а формиравме и Училишен спортски клуб.  Но она што мене особено ме радува што се однесува на спортските активности во Ресен е појавата и ширењето на т.н. алтернативни спортови  и “outdoor” активности. Се почеста е сликата на млади ентузијасти кои со велосипеди или пеш кои се одлучиле да поминат еден или повеќе дена во природа надвор од нивната зона на комфор. Ресен и тоа како има услови за вакви форми на активности, близината на двата национални паркови (Пелистер и Галичица) и Преспанското езеро нудат прекрасни услови за реализација на истите. Од една таква неформална дружба спонтано се создаде и „Преспабајк“, велосипедско-планинарско друштво кое три години по ред ја организира „Тур де Галичица“, велосипедска тура низ прекрасната Галичица, која оваа година за прв пат доби и интернационален карактер. Деновиве во Отешево, на брегот на Преспанското езеро,  бевме сведоци на реализација на триатлон трка во рамките на државниот куп во Триатлон. Трката беше организирана од Триатлон федерацијата на Македонија со поддршка на Општина Ресен и на задоволство на сите беше најавено дека оваа трка ќе прерасне во традиционална. 

К4Т- Што тебе ти лежи на душа? Кој спорт најмногу те привлекува?

МИЛЕ -
Уф, тешко прашање. Кога би ги издвоил повеќето спортови што сакам да ги практикувам едно е заедничко за нив е што сите се „надворешни“ спортови. Нешто што се трудам најмногу да избегнам е затворен простор па макар бил и спортска сала ☺. Сепак ако треба да направам потесен избор тоа секако е атлетиката и пливањето.  Дури атлетиката (кралицата) сметам дека е надспорт и сублимат, нешто од што започнало сè и веројатно (доколку има крај) се ќе заврши, ќе се слее во неа.

Атлетиката за спортот е нешто што е филозофијата за науката воопшто. Додека пливањето како што сите знаеме е активност со исклучителен позитивен спектар на влијанија врз организмот и често им кажувам на учениците дека тоа е дел од рефлексните движења кои секој од нас ги носи  длабоко во гените. Човек се раѓа, на почеток ја исправа само главата, потоа почнува да се исправа да лази, се превртува да оди, трча, и секако да плива. Но да го совлада последново секој родител е должен во рамките на можностите да му овозможи на детето да не го прескокне природниот стадиум на совладување на движењата. Последниве две години сум дел од професионалниот тим на Пливачката школа „Делфина 2012“ која работи со најразлични категории на базенот при СРЦ „Билјанини извори“ – Охрид. 

К4Т- Дали сме блиску или далеку од моделите на семејства кои слободното време го поминуваат активно и во природа како на пример во Швајцарија или Австрија и што мислиш за нашиот потенцијал како земја, за менталитетот на граѓаните и за нивната финансиска можност тоа да си го дозволат?

МИЛЕ - Дали сме блиску или далеку сметам дека не можеме да генерализираме. Семејствата што тука се одлучиле на таков животен стил не верувам дека заостануваат од тие во гореспомнатите земји, а за процентот на такви семејства верувам дека кај нас е далеку помал. За потенцијалите на нашата земја мислам дека нема потреба да се зборува. Освен во Скопје, во било кој град да излезеш од дома и за 15 минути пешачење веќе си на некој рид, парк, шума или река. Меѓутоа нашиот однос кон природата и околината е очаен. Деновиве прочитав дека Норвешка забранила било каква сеча на дрва во нивните пространи шуми, замислете во кој ментален стадиум живеат тие. За менталитетот кај нас би цитирал еден родител „Нас (родителите) денес ни е лесно, една греалка во соба, компјутерот, интернет и знаеш дека ништо нема да му се случи на детето“. Сакам да верувам дека ова не е општа слика за сите или повеќето родители кај нас, но затоа ние останатите мораме да се бориме против ваквиот пристап и да се обидуваме да ги рушиме стереотипите. Што се однесува до финансиите несомнено дека се важни но секако не се пресудни, многу е поважна желбата, мотивот и пред се образованието.  

К4Т- Што треба да направиме како општество дополнително да го стимулираме и поткрепуваме овој правец, за сите да имаат полза од таквиот животен стил?

МИЛЕ - Пред сè да се образоваме. Сметам дека степенот на образование кај нас е се уште на многу ниско ниво. На граѓаните, по однос на проблематикава за која дискутираме, им треба условно „просветлување“. Граѓаните мора да знаат што значи да поминат 3 дена во континуитет над 2000 мнв, што тоа значи за нивните организми, што значи ако успеат да истрчаат Куперов тест, што значи ако истрчаат маратон. Секој член на нашето општество мора да знае дека тоа е единствениот начин на акумулирање на нашето најголемо богатство – здравјето. И секако да научат како да го остварат сето тоа. 

Втора работа за што мораме да се погрижиме се спортските организации. Неодамна на државното првенство во Атлетика што се одржа во Охрид, „професионалците“ од Атлетската федерација на Македонија на трката на 5000 метри на натпреварувачите им наметнале  еден круг повеќе, што значи наместо 5000 тие морале да истрчаат 5400 метри, повторувам натпреварувачите морале  да истрчаат 5400 метри и од тоа растојание им се впишаа официјални резултати за трка од 5000 метри. Во неформален разговор со некои натпреварувачи дознав дека ова не е прв пат, замислете не е прв пат. Е сега ставете се во кожата на некое десетгодишно дете кое сака да се занимава со атлетика и случајно да наиде на текстот за случајот кој осамна на Atletika.mk, кој ќе биде неговиот мотив, неговите соништа ќе се прекинат уште пред да почне да ги сонува. Истото е и со другите федерации, цело време сме сведоци на „местени натпревари“ на несоодветен третман, на уцени, нерамноправност и пред се на нефер борба. Сето тоа придонесува луѓето да ја губат довербата во спортот, а сето тоа се рефлектира на најмалите кои и во обична маалска игра пробуваат да најдат начин да се „провлечат“ низ играта да добијат нешто што не го заслужиле и секако на крај да се победници. Кога на час ќе застанам во својство на судија додека децата играат кошарка, фудбал или некој друг спорт, секогаш екипата која условно ќе „изгуби“ смета дека јас пристрасно сум судел.

Често сум сведок каде децата од најмала возраст не бираат средства како да дојдат до резултатот, тоа не е „ферплеј“, тоа не е здрав однос кон спортот, кон противникот, и на крај кон самиот себе. Затоа на сите нас треба да ни биде јасно дека промената на менталитетот претставува долготраен и макотрпен процес и не смее само инцидентно тоа да се споменува. Доколку во моментов се изготви една, пред сè, одржлива стратегија за подобрување на спортот и рекреацијата кај граѓаните на РМ, јас Ве уверувам дека првите резултати ќе ги почувствуваме по најмалку 10-15 години. 

За наша голема среќа изминативе години се формираат и заживуваат повеќе формални и неформални здруженија кои на граѓаните им нудат најразлични активности пред се поврзани со природата. Социјалните мрежи се само уште една добра алатка која ни овозможува непречена комуникација и споделување на различни искуства па ако сакате и целосна организација на различни настани. Колку само поттикнувачки делува кога понеделник наутро ќе видиш најразлични фотографии од пријатели и познаници кои на најразлични начини во природа го поминале изминатиот викенд, и обратно, колку е убаво чувството кога ќе споделиш некое место кое можеби прв си дошол до него, некој видиковец, некој поток или ливада. Затоа сметам дека „локомотивите“ се пуштени во погон и дека процесот за кој говориме е отпочнат.

Единствено што треба е ние, спортските педагози, љубителите на природата и екологистите, рекреативци и професионални спортисти, ентузијасти и авантуристи да истраеме во процесот и еден ден да ја видиме нашата држава, како држава во која живее здрава нација, нација со здрав животен стил, нација која ужива во природните убавини кои ни се дар од Бога и нација во која секој си го пронашол своето вистинско место во општеството и природата. 

27 Јуни 2016

За авторот