Зошто рацете се толку важни за трчањето?

Рацете често се заборавен дел од тркачката механика, а токму тие можат да бидат пресуден фактор за успешен тренинг или трка.

Кога велиме трчање природно е прво да помислиме на нозете бидејќи тие го носат главниот товар на активноста. Секој што се бави со трчање ќе ви даде совет за тоа како да го поправите контактот на стопалото со тлото, да имате оптимално темпо на чекорење (каденца) или пак ќе ви презентира некоја вежба за подобра техника на трчање. Во целата таа механичка сложувалка рацете имаат клучна улога во балансирање на телото, зголемување на ефикасноста и заштедување на повеќе од потребната енергија.

Движењето на рацете или мафтањето за време на трчање е нешто што ни е природна механика. Сепак правилното користење на рацете може да заштеди 13% од енергијата, нешто што е исклучително важно особено во спортовите на издржливост. Како и на кој начин ги движите рацете е многу индивидуално но и покрај тоа постојат неколку начини или техники кои можат да ви помогнат, буквално, да го совладате овој неверојатно важен дел на трчањето.

Линија на патентот

Замислете дека носите тренерка или ветровка со патент. За време на трчањето, одвреме-навреме- погледнете надолу во замислената линија на патентот и следете го движењето на вашите раце. Доколку вашите раце преминуваат преку линијата на патентот тоа значи дека одите премногу во страна и со тоа ја расфрлате енергијата лево и десно наместо да ја насочите право. Потрудете се да ги движите рацете пошироко од оваа линија и да замавнувате повеќе наназад за брзо да ја корегирате лошата форма.

Крила на кокошка

Овој феномен во суштина е потполно природен и се јавува во моментите на замор кај тркачот. Рацете стануваат згрчени и се држат прилично високо што предзвикува пократок замав а со самото тоа и пократок чекор на нозетет. Згора на тоа постојано сте во грч што предизвикува вкочанетост. Пробајте на секои 100-200 метри да ги протресете рацете и да ги опуштите рамената за рацете да се вратат во првобитната релаксирана позиција.

Чипс во дланка

Чипс нема да јадеме никако. Станува збор за техника која има за цел да ги опушти дланките кои со тек на време и акумулиран замор почнуваат се посилно да бидат стегнати во форма на тупаница. Долгорочно оваа ситуација ќе почне да се пренесува на рамената, вратот па дури и вилицата што ќе ја намали вашата ефикасност и комфор за време на трчањето. Кога ќе почуствувате дека ова почнува да се случува замислете дека во дланките држите чипс кој не треба да го скршите. Ова ќе ви помогне да ги опуштите дланките и рацете и ќе ви заштеди драгоцена енергија

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија