Наслов

Зошто пливањето на грб е толку добро?

Кога гледањето на дното на базенот ти станува здодевно, кога сакаш да пливаш на отворено ама сакаш и лицето да ти "види" сонце, грбната техника или пливањето на грб е одлична опција со многу позитивни придобивки.

Грбната техника е една од четирите пливачки техники и единствена во која погледот не е кон дното. Грбната техника е втората пливачка дисциплина која некогаш се појавила на Олимписките игри, своето деби го имала на игрите во 1900 година.

Оваа техника која сите барем некогаш се обиделе да ја практикуваат сепак се чини е недоволно користена во аматерското бавење со спортот што е вистинска штета бидејќи истата може да ви донесе многу бенефити без разлика дали пливањето е вашиот примарен спорт. Еве зошто:

Подобрено држење на телото

Грбната техника е идеална за сите оние кои поголем дел од денот го минуваат седејќи пред компјутер. Пливајќи на ваков начин градните мускули стануваат поотворени а пареалелно со нив ги зајакнувате сите мускули на грбот и рамената што резултира со корегирано и подобрено држење на телото.

Посилни јадрени мускули

Сите пливачки техники се идеална вежба за вашиот стомак и целокупната мускулатура на трупот. Кај грбното пливање оваа придобивка е уште повеќе изразена заради потребата од постојано балансирање на ритамот и лимитираното движење на колковите.

Идеален крос тренинг

Пливањето е идеален крос тренинг особено за тркачи но и за сите спортови кај кои има репетитвен стрес на стапалата и долните екстремитети генерално. Грбната техника ќе ги активира сите мускули на нозете и глутеусите, долниот дел од грбот и стомакот а притоа комплетно ќе ги одморите сите сврзни ткива од овој дел од телото.

Комплементарна дисциплина за слободниот стил

Како и во секој друг спорт и во пливањето е добро да се има баланс. Грбната техника е комплементарна со слободниот стил односно ги користи спротивните мускули за разлика од слободниот стил, нешто што на долг рок ќе ве направи покомплетни и секако побрзи пливачи.

Комплетна вежба за раце и рамена

Сликата за грбната техника ја комплетираме со рацете. Пливајќи на ваков начин ќе ги активирате сите мускули на рацете и рамената.
За крај би било добро да кажеме и дека грбното пливање за еден час ќе ви согори околу 600 калории.

07 Август 2019

За авторот