Наслов

Забавната страна на вежбањето

Вежбањето, особено оној класичен проверен метод на серија повторувачки вежби, понекогаш може да биде тотална монотонија. За да не биде се во една рамна линија, тука се спортските реквизити кои освен што ни го рашаренуваат и разигруваат тренингот, даваат уште неколку дополнителни придобивки...

МАЛА ДОМАШНА ТЕРЕТАНА

Една од подобрите страни на спорските реквизите е тоа што чинат далеку помалку од скапите фитнес направи на кои наидуваме во теретаните, па со мал влог можете да си дозволите и уредување на една мала домашна теретана која секогаш ќе ви биде расположлива за користење. Една пилатес топка, медицинки, неколку тегови, престилка и желба за вежбање се и повеќе од доволни.

РАЗБИВАЊЕ НА ЗИМСКАТА ХИБЕРНАЦИЈА

Пред да се сокриете во вашите топли домови и да ја спакувате опремата за вежбање за некои потопли времиња запрашајте се дали ќе ви се допадне ликот во огледало после зимската хибернација. Многу полесно ќе биде да се натерате да вежбате, но и да бидете задоволни од резултатот ако имате спортски помагала кои ќе го направат тренингот поинтересен и позабавен, а дури и поефикасен.

 

ПОЛЕСНО ДО ЦВРСТО ЈАДРО

Добро познатите вежби за стомачни мускули ги таргетираат површинските мускулни слоеви, изоставувајќи го најважниот дел во оваа регија - длабоката мускулатура на торзото и абдоменот. Добро развиеното јадро е од големо значење за правилно држење на телото, па вметнете вежби со ремени (систем на вежбање со гравитацијата и вашата сопствена телесна тежина) кои се непобедливи кога станува збор за активирање токму на тие длабоки мускули.

НАСЕКАДЕ СО ВАС

Во хотел, во канцеларија, на одмор, на зимување, на отворено, во парк, спортските реквизити може секаде да ги понесете со вас без потешкотии и да си овозможите фитнес доза каде и да сте, или без разлика колку ви е брз животниот стил. Спорските реквизити може да бидат ваша џебна теретана.

ЗА СИТЕ КОИ САКААТ ПРЕДИЗВИЦИ

Наместо обичните стомачни, пробајте стомачни со пилатес топка. Наместо обичните чучњеви пробајте чучњеви со медицинки. Наместо обичната штица, пробајте штица со ремени. Сите овие мали измени може да имаат огромен ефект врз вашето тело, а дополнително со секоја измена додавате нова доза на предизвик во вашата секојдневна фитнес рутина.

16 Декември 2014

За авторот