Улнарна невропатија – велосипедска парализа на шаката

Цената на вашите подолготрајни велосипедски уживања може да ја платите со непријатни трпнења на малиот и домалиот прст, со вкочанетост и мускулна слабост на целата шепа па дури и со недостаточна координација и парализа на прстите. Зачестеноста на оваа состојба после подолги маунтин бајк или друмски тури е и до 70% и истата заслужува нешто повеќе внимание.

Директна причина е специфичната позиција на рачниот зглоб во однос на рачките од велосипедот со силна компресија поради дистрибуцијата на дел од телесната тежина и дополнителните шок вибрации од теренот. Фиксната долготрајна позиција на шаката врз рачките прави притисок врз лакотниот односно улнарниот нерв (n. ulnaris).

Овој нерв се протега во правец на надворешната страна на подлактницата кон малиот прст. Некаде во висина на рачниот зглоб доста површно поминува низ таканаречениот Guyon-ов канал и се дели на две гранки, една ја обезбедува сензибилноста на малиот и дел од домалиот прст, а друга пак обезбедува моторика скоро на целата шака и палецот.

Секој подолготраен стрес на оваа регија допринесува до појава на овие симптоми. Најчесто симптомите од лезијата на лакотниот нерв завршуваат извесно време по прекин на компресијата, но некогаш траат и од 6 до 8 недели. Во секој случај, регенерацијата е комплетна и трајни последици после оваа невропатија нема.

Најчести индиректни причини за оваа непријатна состојба се:

  • Широк гидан во однос на развиеноста на грбот.
  • Несоодветно позициониран гидан во однос на нормалната исправена позиција на шепите.
  • Пониска положба на гиданот од положбата на седлото
  • Несоодветна големина на рам (позајмен велосипед)
  • Несоодветно држење на телото и вратот во тек на возењето.
  • Товар или багаж на задниот дел од велосипедот многу често е причина за форсирана компресија на шаката поради дополнителното одржување на рамнотежа.

Корекцијата на овие причини секако дека е најдобрата превентива. Но, користењето на соодветни анти-стрес ракавици (со перничиња) и амортизација на предната виљушка се одлична препорака.

Дополнителни мерки на претпазливост, пред се во подолгите маратони се почестите паузи со одмор и вежби за истегање, примена на техника за променлива дистрибуција на тежината на гиданот и соодветен баланс во стегањето.

Правовремен одмор и по потреба терапија и терапевтски помагала, но секогаш препорачани од доктор се услов за комплетно излекување.