Тренирате ли SMS врат?

Откако сè живо се префрли на смартфон, многу веројатно е дека и во моментов вие сте поклонети пред вашиот телефон, нешто што не е баш фино за вашите вратни пршлени.

Според калкулациите направени од еден њујоршки хирург објавени во оваа студија, силата која се аплицира врз вратот кога човекот се ѕвери во неговиот телефон се движи некаде помеѓу 18 до 27 килограми. Нешто како да си ги закачиш кесите од пазарлукот на уши да ти висат надоле.

Како што просечната човечка глава која тежи од 4,5 до 5,5 килограми во неутрална позиција (исправена) се наведнува кон телефонот да провери Фејсбук, така притисокот на вратот се дуплира. Пролонгираното вакво држење на главата додека да се одлучите што да искуцате во SMS пораката доведува до затегнатост и воспаление на целата вратна регија поради што се чувствуваме нелагодно, а на подолги стази може да доведе до дискус хернии, мускулни истегнувања и невралгии.

Со ова се особено засегнати младите (од 8 до 18 години) кои се` повеќе време трошат на смартфоните, но и возрасните кои го следат темпото на технологијата, а не се свесни за ефектите од овие лоши позиции.

Дополнително, text neck, како што во последно време го викаат ортопедите и хирурзите прави пореметување во дишењето со тоа што во таа наведата позиција се намалува дишниот капацитет (поради стеснувањето на дишните патишта) за 30 проценти, нешто што може да допринесе до други посериозни здравствени проблеми.

Па затоа, престанете да му се поклонувате на вашиот телефон, во секоја смисла!

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија