Наслов

Стрес со стрес не се избива

Едно од најдобрите решенија за справување со стресот е бавењето со спорт, па токму затоа голем дел од популацијата се одлучува за овој чекор во обид тоа да биде ментално исклучување од притисокот на животот со кој сите ние се соочуваме. Но што се случува кога бавењето со спорт ќе стане стрес плус за вашето тело?

Во модерниот свет стресот станува хроничен проблем кој доколку не се менаџира на правилен начин може да има сериозни последици по физичкото и менталното здравје. Стресот никогаш не е изолиран проблем. Тој е последица на низа животни подеми и падови кои во современиот начин на живеење секојдневно ни се случуваат.

Едно од најдобрите решенија за справување со стресот е бавењето со спорт, па токму затоа голем дел од популацијата се одлучува за овој чекор во обид тоа да биде ментално исклучување од притисокот на животот со кој сите ние се соочуваме. Но што се случува кога бавењето со спорт ќе стане стрес плус за вашето тело? Како целиот тој процес успешно да се менаџира за да се задржи квалитетот од физичката активност?

Кога сме изложени на стрес во нашето тело се случуваат низа процеси кои се природна последица на оваа состојба. Најпрво се покачува крвниот притисок, дишењето се забрзува, срцето почнува да чука побргу а надбубрежните жлезди започнуват да лачат кортизол. Кортизолот е хормон кој нашето тело го лачи како одбранбен мехинзам за да не заштити од опасност. За нашето тело нема разлика дали стресот доаѓа од физички тренинг или животна ситуација. За телото стресот е стрес а тоа пак значи дека доколку не го менаџираме на правилен начин, физичкиот стрес само ќе надополни веќе постоечкиот стрес од тешкиот ден или недела кои сме ги имале.

Ваквиот начин на функционирање за кратко време ќе го земе својот данок а тоа особено ќе се почуствува на тренингот и тоа во форма на ментална исцрпеност, хроничен замор и опаѓање на перформансите за време на тренингот. Затоа, важно е да научиме на нашето тело да му дадеме пауза меѓу два "стреса" и на тој начин да го одмориме и да го спремиме за идниот стрес.

За да го постигнеме тоа понекогаш се неопходни подолги паузи, но на дневно ниво тоа може да се постигне и со неколку техники кои се едноставни но супер ефективни. Еве дел од нив:

Кратка дремкa или power nap од само дваесетина минути може во голема мера да ве смири и освежи пред трнеингот што следи. Ваквата дремка ќе ја нормализира работата на срцето и психички ќе ве опушти пред тренингот. Не заборавајте дека дремката не е замена за недостатокот на сон.

Техники на дишење- постојат различни техники на дишење кои се и повеќе од ефикасни во справувањето со стресот кој не се гаси. Нека дишењето ви стане дел од тренингот, односно пред да почнете со "вистинскиот" тренинг, одвојте време за да се надишете. Започнете со барем 12 длабоки и спори вдишувања со стомакот. Ќе се изненадите колку тоа ќе ве смири, ресетира и наполни со енергија. Враќањето на менталниот фокус е само плус повеќе.

Визуелизацијата е моќна алатка кој ќе ви помогне да се исклучите од проблемите на секојдневието и да се фокусирате на тренингот што следува. Пробајте да се видите себеси свежи и расположени во споледните минути од тренингот што следи.

21 Мај 2019

За авторот