Со спорт против остеоартритис

Ако ги исклучиме траумата, наследниот , метаболниот и едокриниот фактор, лесно ќе заклучиме дека долгочасовното седење по софи, троседи, каучи и фотељи со последователна зголемена телесна тежина е сигурна причина за остеоартритисот.

Остеоартрозата е хронично дегенеративно заболување на зглобовите проследено со болка, деформитети и ограничени функции. Се нарекува и остеоартритис бидејќи освен скелетните промени на зглобовите секогаш се присутни и воспалителни промени на паразглобните структури. Најчести се артрозите на коленото и колковите.

Најчести етиолошки причини за рана појава на симптомите на ова заболување се механичките макро и микро трауми, дебелината, лошо држење на телото, пасивниот животен стил, како и наследните фактори со метаболните и хормонските причини.

Во сериозни анализи, кај луѓе со ОА на колените зглобови е забележано дека 60% се со прекумерна телесна тежина, 25% со предходни повреди во текот на животот, а 56% се пациенти кои професионално или спортско-рекреативно кревале товар. Науката потврдува дека зголемениот индекс на телесна маса за само 1% се зголемува ризикот за 11% за уништување на колената рскавица без разлика на полот, возраста и етносот.

Болката се јавува како повремено жарење (ја има па ја нема) и константно, неподнослива и ноќна болка со силен интензитет. Вкочанетоста е најинтензивна наутро или после подолго седење а се губи со активност. Се појавува слабост на околната мускулатура со постепено губење на функциите, се јавуваат крепитации во активност па се до деформации на зглобовите.

Дебелината, неактивноста со последователна мускулна слабост претставуваат подлога за здобивање на ОА. Нестероидните антиреуматици се препорачуваат за намалување на болниот синдром и вкочанетоста. Кинезитерапијата со препораките за намалување на телесната тежина, со одредена физичка активност со предходна биокинетичка преценка се одлично решение.

Со вежбањето ќе се зголеми мускулната маса и флексибилноста на зглобовите а со тоа ќе се намалат болките со вкочанетоста. Болката во умерен степен не е причина за откажување од дозираните физички активност. Аеробните вежби од типот, брзо одење, возење велосипед, пливање, јога или пилатес во доза од 30 минути/дневно се препорачана шема.

За 6-8 недели ќе ви се намалат болките со утринската вкочанетост , ќе осетите подобрена мускулна тонизација и ќе бидете со подобро расположени. Кардио-васкуларната протективност од овие вежби ќе ви биде добредојден бакшиш.

Сите безбедни спортски активности не се примарен етиолошки фактора за развој на остеодегенаративните, но се одлична превентивна мерка за спречување на ОСТЕО-АРТРИТИСОТ.