Наслов

Прва помош опрема за активности во природа

Задолжителен дел од багажот при секоја па дури и најкусата планинарска, маунтин бајк или било каква тура, излет, спортување или активност во природа е кутијата со прва помош. Мала работа која може да спаси големи нешта.

Со добро стокмена кутија можете да си помогнете себеси, на друг познат или непознат, па дури и да спасите нечии живот се разбира ако имате основни познавања за давање на прва помош.

Најдобрата опција е во ранецот да имате, кутија (бокс) за прва помош, но и да ги знаете основите за давање на истата, а најлошата опција е да немате и да не знаете. Сите комбинации помеѓу, се нешто ама всушност ништо!

Кутијата со прва помош пожелно е да биде ставена на лесно достапно место, секогаш направена од тврди и непропусливи материјали и нормално обележана. Описот на содржината на кутијата за прва помош е препорачана како дел од опремата за било каков outdoor излет или спортување, а прирачната аптека е специфична и индивидуална.

Основна содржина на кутијата за прва помош

  • Прв завој (специфичен вид на стерилен завој со перниче) со ширина од 5 и 10 цм.
  • Калико или обичен завој со ширина од 5 и 8 цм. (две парчиња).
  • Стерилна газа (најмалку две парчиња) со различни големини.
  • Фластер со ширина од 2 цм.
  • Кутија адхезивен фластер со газа (ханзапласт)
  • Триаголна шамија (две парчиња).
  • Астрофолија за термичка заштита во лето и зима.
  • Стерилни заштитни ракавици.
  • Кондом (два на број) може ќе ви се најде за она за што е наменет ама и за многу други нешта, само ако малку го разбудите центарот за алтернатива!
  • Ножици, подобро стерилно спакуван скалпел, ноженце, неколку безопасни игли.
  • Орален прашок за рехидратација

Различни се размислувањата за лековите во кутијата за прва помош заради можноста од несаканите алергии. Имено, секој лек може да даде алергиска реакција која може да биде сериозна состојба поготово ако се наоѓате далеку од здравствена установа. Затоа се препорачува носење на прирачна аптека, само за лична употреба.

Прирачна аптека

  • Таблети против болки (аналгетици) аналгин, кафетин, аспирин, андол.
  • Антихистамински лекови (лентостамин, фенерган) лекови против полесни алергии или реакции од касања на инсекти.
  • Антидијароични лекови (БС флонивил, линекс) за состојби со дијареја.
  • Антибиотик со широк спектар веќе познат за вашиот организам.
  • Хидрокортизонска маст 1%
  • Спазмолитични лекови (спазмекс)
  • Антацидни лекови за гастрични тегоби.

Ова се само предлог на содржината на вашата прирачна аптека и запомнете дека упаствијата на сите лекови треба секогаш да се дел од аптеката.

Кутија за прва помош треба да биде секогаш дел од вашиот ранец и нормално, содржината да биде со редовна контрола на состојбата и трајноста. Се разбира дека организацијата на повеќе дневни тури бара сериозен пристап со одредени специфики.

22 Мај 2013

За авторот