Наслов

Женската борба за маратонско трчање

Долги години од постоењето на маратонската олимписка дисциплина, поточно некаде до 1980-тите години женската популација беше регуларно отфрлана и дискриминирана од оваа форма на спорт поради разно-разни причини. Сепак, во текот на скоро еден век, жените постојано се бореа за нивното право на квалитетно долга трка. 

Познатата слика на Катрин Свицер на Бостон Маратон 1967

Во период од 1896 година кога маратонот е една од главните форми на атлетско натпреварување на модерната Олимпијада, па се до 80-тите години од минатиот век, понежниот пол бил константно дискриминиран од оваа, па и од бројни други форми на долги атлетски трки поради различни неретко небулозни тези. 

Токму на почетокот на 1900-тите години од во медицината бил практично подметнат митот за матката и другите женски репродуктивни органи кои не се физиолошки во можност да издржат една таква трка. Долги години, овие и низа на други научно неосновани и неподдржани тези за издржливоста поточно „кревкоста” на женското тело биле една од главните причини поради кои на женската популација ѝ било забранувана партиципација во вакви дистанци.

Меѓутоа, и покрај овие забрани за учество и класичното родово дискриминирање во текот на историјата жените водат една долга битка за нивното право за трчање на долги патеки, рамо до рамо со мажите.

Уште во 1896 година Ровити Стаматис била првата жена која ја итрчала дистанцата од Маратон до Атина за само месец подоцна извесна жена по име Мелопомене да се пријави на Олимпијадата. Иако нејзината пријава била инстантно одбиена таа решила скришум да се вклучи во маратонската трка. Кога за приближно четири ипол часа дошла на стадионот каде бил финишот, портата на стадионот била затворена и таа го истрчала последниот круг околу стадионот. 

Понатаму во историјата тука е Виолет Пирси која е првата жена на која и бил мерено време за маратонска трка во Британија каде таа завршила за 3 часа и 40 минути - време кое триесет години подоцна стоело како женски рекорд на маратонската дистанца. Сепак, овие бројки стоеле неформални и непризнаени од било кое тело за атлетска регулација. 

Роберта „Боби” Гибс финишира во 1966 година

Во 60-тите години пак тука се познатите борци за женскиот маратон Роберта „Боби” Гибс и Катрин Свицер кои биле главните двигатели за оваа проблематика на ниво на Америка. 1966 година Боби Гибс успева да се прикрие во грмушките пред стартот на бостонскиот маратон и скришум да го заврши маратонот со време од 3 часа 20 минути. 

Наредните години таа и Катрин Свицер повторно се натпреваруваат на Бостон Маратон (тогаш најпознатиот маратон во Америка), а Свицер - пријавена под број 261 како машко со иницијали К.В. Свицер е позната по случката со директорот на трката кој се обидел да ја исфрли од патеката. 

Во наредните години овие две жени продолжуваат со нивните активности на полето на маратонското трчање и правата на жените за овој спорт. Бурниот период на женското трчање во периодот од 70-тите години ескалира, работите полека и бавно почнуваат да се менуваат. 

Жоан Беноа на ОИ Лос Анџелес

Дури во 1984 година Интернационалниот Олимписки Комитет конечно го дозволува и признава женското маратонско натпреварување кога на олимписките игри во Лос Анџелес Жоан Беноа со време од 2 часа 24 минути освојува нешто многу поголемо од само златен медал. 

Низ текот на декадите, тие не само што докажаа дека имаат полно право да учествуваат во овој спорт, туку и дека се во можност да бидат достојна конкуренција на мажите. 

08 Март 2016

За авторот