Мускулни групи кои се активираат при скијање

Скијањето претставува сложена спортска дисциплина која бара активирање на комплексни интеракции помеѓу мускулатурата на горниот и долниот дел од телото заедно со нервниот систем. Сè на сè, бројни мускулни групи треба да свират филхармонија под диригентската палка на нервниот систем за активноста да се изведе правилно.

Мускулите на торзото – Body core

Тука спаѓаат мускулите кои го одржуваат најесенцијалниот дел на скијањето – одржување на баланс. Трансверзалните абдоминални, обликвусите и ректус абдоминис се тие кои што ни помагаат да ја стабилизираме карлицата и ‘рбетот, додека одржуваме исправена позиција за време на спуштањето. Луѓето кои имаат слабо развиено торзо лесно се препознаваат на падините бидејќи имаат чести падови, нестабилно тело и мавтање со раце.

Мускули на стапало

Додека мускулите на торзото се одговорни за балансот, мускулите на стапалото се важни за преносот на притисокот врз скиите и ротационите движења. Поважни мускулни групи на стапалото за скијање се оние кои прават дорзална флексија (приближување на стапалото кон нагоре) бидејќи со тоа се притиска потколеницата кон предниот дел од чизмата.

Мускули на потколеницата

Овие мускули може да се поделат на три групи и тоа преден сегмент кои помагаат во дорзалната флексија, заден сегмент (листот) кој помага кој помага во плантарната флексија и многу битниот латерален сегмент кој учествува во ротирање на стопалото кон надвор. Ова движење е многу битно и често употребувано при скијањето.

Флексори и екстензори на коленото

Овие мускули, сместени во натколеницата имаат за задача да ја свиткуваат или исправаат потколеницата и со тоа помагаат во контролирање на притисокот кој се прави врз скиите и апсорбираат голем дел од енергијата која се прима од самиот контакт при скијањето. Задната група на мускули која овозможува виткање на коленото доколку е добро развиена превенира колени повреди особено на задниот вкрстен лигамент. Квадрицепсите пак, помагаат во стабилизирање на колениот зглоб и превенираат негова ексцесивна ротација.

Мускулите на задникот

Глутеусите се комплексна и многу моќна група на мускули во регијата на колковите и претставуваат многу важен сегмент за скијањето. Тие учествуваат во абдукција на ногата односно оддалечување на ногата од телото, а исто така се важни и при ротација на ногата со што се овозможува актот на скијање.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија