Матка на дланка – Шишевски

Ако ви фали идеја за кратка, но неверојатно слатка прошетка, а се наоѓате во главниот град и немате време да се впуштите во поголема авантура, ние ви подготвивме мал (скоро непристоен) предлог. Од вас се бара да потрошите само малку енергија во мотивирањето на себе си и пријателите, а сè друго е (скоро) бесплатно.

До Матка знаете како. Преку Ѓорче, накај Сарај, низ Глумово и ете го. Можете со автобус или моторцикл, ние бевме со кола, а најубаво е со велосипед.

Патчето тргнува преку мостот на Треска и е добро означено по целата должина. Време, нема воопшто да ви одземе, бидејќи патеката е кратка и лесно се оди. А горе, кај манастиот Св. Никола Шишевски секој од нас ќе си го најде зен модот.

За враќање, можете по истиот пат наназад, но далеку поубаво е да се спуштите накај езерото, па да го фатите бротчето за до комшискиот брег како што направивме ние и да се почастите со по некое пиво.

Ако ова не ви е доволен мотив да потрошите 5 часа од вашиот викенд на блага активност на чист воздух и преубаво место тогаш ѕирнете нè наредниот петок кога ќе имаме кратка репортажа за Св. Спас и Св. Недела и „Патеката на јоргованите“.