Летно искачување на Титов Врв 2013 (видео)

Летното искачување на Титов врв помина во најдобар ред, нè послужи убаво време, имаше многу луѓе, воглавно од планинарските друштва, но и индивидуалци кои што ја искористија оваа можност друштвено да го искачат највисокиот врв на Шара и втор по височина во Република Македонија. 

Уживавме во убавините на Шар Планина. Имаше две опции, да се тргне преку Церипашина или по регуларната патека која воедно е и полесна. Поголемиот дел од групата ја одбраа втората опција, а мал дел ја одбраа патеката преку Церипашина.

Моментот беше да се ужива во природата за време на патешествието, а напорот и онака беше неизбежен. Сепак, кога се приближивме до врвот Бакрдан, не успеавме да му одолееме, па групата повторно се подели. Дел тргнавме да го искачиме и овој убав врв, од кој јасно се гледа и кулата на Титов врв.

Го качивме Титов врв слатко уморни и малку изгладнети и седнавме малку да одмориме, но задоволството беше кратко бидејќи дојде време за враќање назад. Денот беше долг, но времето променливо.

Тргнавме назад, а по пат застанувавме да си каснеме од планинската боровинка која ни ги крадеше погледите на секој чекор.

Се вративме во ДХАУС каде нè пречекаа со убав македонски ручек и пријатна атмосфера, токму она што ни требаше за да го комплетираме овој планински поминат ден.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија