Интервју со таткото на „Kinesio Taping” методот Д-р Кензо Казе

Во склоп на вториот Конгрес на физиотерапевти на Р. Македонија со меѓународно учество, кој ќе се одржи од 16.09.16-18.09.16 во хотелот „Бисер”, Струга, како специјален гостин ќе биде и доктор Кензо Казе кој е симбол за Кинезио тејпингот во светот. Тоа беше повеќе од доволен повод да поразговараме со него…

К4Т – Кога започнавте да размислувате и експериментирате со методот што се рашири низ светот како „Kinesio Taping”?

Д-Р КЕНЗО – Па како што знаете, посетував тренинзи за хиропрактичар во Соединетите Американски Држави. Некаде од 1970 година започнав да експериментирам техники со еластични траки на моите пациенти. Воглавно ги користев за третмани на постари луѓе што имаат остеоартритис и се соочуваат со големи болки и крутост во зглобовите. При терапијата можев да го наместам зглобот и да применам мануелна терапија, но пациентите имаа проблеми помеѓу посетите во клиниката. Кинезио лентите ги направивме да бидат флексибилни и пропусни како човечката кожа за што поголем комфорт и опсег на движење. Беше скоро како да ги испраќам дома со терапевтски допир.

Првите пациенти што користеа кинезио ленти не беа спортисти, но штом спортистите дознаа за оваа техника веднаш сакаа да ја пробаат. Затоа и голем број луѓе разбраа за овие ленти.

К4Т – Можете ли да им објасните на нашите читатели некои детали во врска со „Kinesio Taping” и неговата употреба?

Д-Р КЕНЗО – Кинезио тејпинг има четири функции и тоа: да ослободува од болка, да корегира дисфункција на зглобовите, да инхибира или да помага мускулна функција и да помогне при проблеми со воспаленија и нарушена циркулација. Лепенката создава микро простори помеѓу различните ткива за да се овозможи слободен проток и прочистување на течностите во телото. Ова го нарекуваме Хидрокинетик (Hydrokinetic), каде течноста (Hydro) може да се движи (kinetic).

Во последно време, работам на невролошко лепење користејќи го методот ЕДФ (Епидермис-Дермис-Фасција) на површината од кожата. Кинезио тејпингот секогаш се користел за рехабилитација од повреди или операции, но ние правиме и пост-оперативните опции.

 

К4Т – Забележително е дека овој метод се практикува кај разни спортови и спортисти. Што е неговата главна предност? Практичноста, ефективноста или нешто друго?

Д-Р КЕНЗО – Јас би рекол сите три. Но мора да запаметите дека професионалните спортисти се малку поинакви од регуларните пациенти. Тие се многу сензитивни и на минорни промени што физички ги чувствуваат, така што кај еден спортист има огромен ефект кога пријатно се третира зглоб или некоја инфламирана област. Сметам дека тие користат Кинезио тејпинг или други терапии како „cupping”, што беше доста забележлива на Олимпијадата во Рио, почесто од вас или мене поради нивната голема сензитивност.
К4Т – Кажете ни нешто повеќе околу апликацијата на Кинезио тејпинг? Би можел ли некој сам да ја аплицира или задолжително е да се аплицира од страна на стручно лице?

Д-Р КЕНЗО – Има неколку едноставни апликации на Кинезио тејпинг што луѓето ги користат за да се лепат себеси, всушност Кинезио прави подготвени апликации за некои почести состојби. Генерално, подобро е прво терапевт да ја провери вашата состојба за да се осигура дека апликацијата на тоа место е најдоброто решение за да се чувствувате подобро. Понекогаш онаму каде што чувствувате најголема болка не е местото каде што е потребно лепење на Кинезио. По добиениот совет, многу луѓе можат да научат од терапевтот како дома да се лепат себеси.

К4Т – Дали имате во предвид некакви подобрувања на методот во иднина?

Д-Р КЕНЗО – Па како што напоменав, имаме одлични резултати во пост-оперативниот Кинезио тејпинг и во ЕДФ концептот кој многу ветува при третирање на невролошки состојби и болки во телото. Исто така, нудиме и специјализирани напредни курсеви, како на пример Кинезио тејпинг за лимфна дренажа за професионалци што се фокусирани на пациенти од таа област.

Ветеринарниот Кинезио тејпинг исто така се популаризира и интересно е да се види ефектот на коњ што не може да има свесност за плацебо ефект.
К4Т – Дали е ова Ваша прва посета на Македонија?

Д-Р КЕНЗО – Ова е моја втора посета на Македонија.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија