Интервју со Проф. Д-р Методи Чепреганов

Инкорпорацијата на епилептичари во активниот начин на живот

Интервјуто содржи стручни и искуствени информации од нашиот еминентен, добро познат професор доктор невролог и епилептолог Методи Чепреганов на темата околу спортот кај пациенти дијагностицирани со епилепсија и безбедноста при практикување на активен стил на живот. 

 

К4Т – Епилепсија, 40 милиони пациенти со дијагностицирана епилепсија во светот, која е македонската статистика?

Проф. Д-р ЧЕПРЕГАНОВ – Според најновите статистички податоци моментално во светот има околу 60 милиони пациенти (плус-минус 5%), додека во Македонија оваа бројка е околу 20.000 пациенти. За жал бројката расте и сега е околу 0,9 до 1% од општата популација во светот.

К4Т- Колку предрасудите од социјалните опкружувања ја прават епилепсијата тешка болест?

Проф. Д-р ЧЕПРЕГАНОВ – Колку е попрост народот во толку постојат поголеми предрасуди. Добро е што сепак полека, но сигурно науката напредува и предрасудите се намалуваат. Денес кај преку 80% од пациентите нападите се контролирани и тие можат да обавуваат работа, освен оние професии што може да бидат опасни по живот доколку пациентот добие напад, на пример: на височина, покрај машина, покрај вода, покрај оган и слично.

К4Т – Која е потребата за мултидисциплинарен пристап во лекувањето, типизацијата на типот на епилепсијата во однос на животната функционалност?

Проф. ЧЕПРЕГАНОВ – Секогаш и при секоја друга болест мора и треба да се има мулти-дисциплинарен приод. Денес дијагностиката е врвна, точна и прецизна и зависно од типот на нападите се определува и професионалноста и животното функиционирање на пациентот, така што тие се сосема нормални членови на општеството, функционираат и работат сосема нормално.

К4Т – Дали епилепсијата може да биде добро контролирана состојба?

Проф. Д-р ЧЕПРЕГАНОВ – Како што кажав, преку 80% од пациентите со редовна терапија се добро контролирани, треба да спазуваат некои норми во начинот на живот и нивниот живот е сосема нормален како и кај сите други.

К4Т – Дали физичките активности, контролирана спортска активност ја намалува честотата на нападите (дали физичката активност е коректна комплементарна терапија)?

Проф. Д-р ЧЕПРЕГАНОВ – Препорачлива е физичката активност, но таа треба да се изведува во консултација со стручно лице, која активност, каква активност и со колкав замор и напрегање.

К4Т – Колку спортот може да го подобри квалитетот на живот кај овие пациенти?

Проф. Д-р ЧЕПРЕГАНОВ – Спортот кај сите нас е составен дел од нашето секојдневие, треба да се движиме и да споруваме, тоа важи и за пациентите со епилептични напади, така што секогаш се препорачува како неопходен дел од животниот стил.

К4Т – Колку намалените спортски активности се причина кај епилепсијата за зголемена телесна тежина, депресија и друштвена изолација?

Проф. Д-р ЧЕПРЕГАНОВ – Имате потполно право, без физичка активност имаме дебелина, депресија, срцеви болести и т.н. Реков дека секоја индивидуа треба да практикува секој ден одредена физичка активност, а тоа важи и за пациентите со епилепсија, сепак таа треба да биде дозирана, без да му нанесе штета на пациентот, туку обратно да му го подобри неговото физчко и психичко здравје.

К4Т – Ваши препораки за сигурен облик на телесни активности?

Проф. Д-р ЧЕПРЕГАНОВ – Најобичен облик на физичка активност е одењето, најмалку пет километри на ден, или било какви лесни вежби дома во траење од десетина минути.

К4Т – Колку докторската фела во Македонија е корегирана и информирана за препишување на рецепти т.е. дозирање на спортска активност кај случаи со епилепсија?

Проф. Д-р ЧЕПРЕГАНОВ – Има лекари кој го познаваат овој проблем, но има и такви кои не го познаваат, затоа најдобро е секогаш да се бара совет од епилептолог или невролог.

К4Т – Како може да се балансира со безбедносните мерки и претпазливоста во спортските активности кај епилептичарите?

Проф. Д-р ЧЕПРЕГАНОВ – Дозираност во секој однос, треба да се одбере спортот и секогаш умереност, никогаш спортови кои можат да го загрозат животот на пациентот.

К4Т – Колку придобивките од спортските активности кај епилепсијата го надминуваат ризикот?

Проф. Д-р ЧЕПРЕГАНОВ – Секогаш постои ризик, но ако добро се испланира и одбере спортската активност, мислам дека ризикот е сведен на минимум.

К4Т – Вие препорачувате умерени вежби, но што е со оние индивидуи на кои им била дијагностицирана епилепсија, а одлучиле да продолжат како професионални спортисти? Има примери во атлетиката што земале и злато на Олимпијада…

Проф. Д-р ЧЕПРЕГАНОВ – Во принцип пациент со било каква форма на епилепсија не би требало да се бави професионално со спорт, бидејки тоа си повлекува тренинзи, напор, мозочна хипоксија и потенцијал за епилептични напади. Навистина голем е ризикот да му дозволите на еден пациент да се бави професионално со било каков спорт. Не знам каква форма на епилепсија имале тие пациенти кои земале Олимписки медали, малку не ми се верува, оти секое напорно тренирање е деклансирачки фактор за епи напади. Бев многу јасен, спортување да, но во умерени граници, само како релаксација, крајно внимателно и без големо напрегнување.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија